(ИНТЕРВЈУ) „Имаме план како повеќето работници да останат во Македонија, но никој не сака да го слушне“

Бобан Илијевски

Угостителско – туристичкиот сектор во Македонија е на работ на остане без работна сила, поради сите случувања коишто ги предизвика пандемијата со Ковид – 19. Дел од вработените летово заминаа да работат надвор (Хрватска, Црна Гора и Бугарија), а дел се префрлија во други сектори, каде чувствуваат дека имаат поголема сигурност на работните места. 

На оваа тема, но и на други, денеска разговараме со Претседателот на Синдикатот за угостителство и туризам Роберт Митровски. Со него разговаравме и за неговиот отказ како синдикален лидер, а зборуваше и за тоа колку му е тешко да најде работа, со оглед на тоа дека некои сопственици на угостителските објекти кога ќе слушнат дека е синдикалец, не сакаат да го вработат. 

Целосното интервју во прилог: 

Работник: Пандемијата со Ковид – 19 предизвика големи турбуленции во угостителскиот сектор, како во светот, така и во Македонија. Секторот кубури со кадар, а најавите се дека уште повеќе работници ќе заминуваат од угостителскиот сектор. Како гледате Вие на ова?

Митровски: Точно, последиците се фатални, но како се наближува зимата и вирусот зема замав ќе биде уште потешко во секторот угоститество-туризам. Карантинот не е исклучен од мерките кои се носат на дневно ниво, а истиот ќе биде причина за отпуштања на голем број работници како што се случи минатата година. Несигурните работни места се една од најголемите причини поради која работниците од нашиот сектор одлучуваат да ја напуштат професијата и да побараат сигурно работно место кое ќе биде единствен спас за нив и нивните фамилии.

Работник: Вие сте еден од синдикалните лидери коишто останаа без работа. Може ли да ни кажете зошто добивте отказ и каква разрешница имаше истиот?

Митровски: Не само јас туку повеќе претседатели на грански синдикати добија отказ од работа, но мислам дека тоа беше индиректен напад на КСС кои години наназад покажуваат сила и моќ во синдикалното движење и се гледа дека претставува проблем на многу политики кои ги предложува македонската олигархија. На истите тие им одговараат само “Сончоглед Синдикати на Македонија” со кои успешно соработуваат години наназад без разлика како дува ветрот, дали десно или лево, така да не очекувам позитивна разрешница, но и понатаму ќе се борам за правата на работникот во приватниот сектор.

Работник: Во разговор ни кажавте дека тешко ви оди со наоѓање работа поради тоа што сопствениците на угостителските објекти не сакаат да вработат синдикалец. Може ли да ни кажете повеќе за ова?

Митровски: Секој работодавач би размислил дали да прими синдикален лидер на работа, но ние до некаде и ги оправдуваме нивните размислувања поради тоа што досега синдикатот го гледаа како пречка во нивното работење, но тоа нивно размислување е погрешно и С.У.Т ќе проба да ги убеди дека сме партнери на работењето и функционирањето на нивнот бизнис и дека сме заедно во иста каша како што е случајот со пандемијата со Ковид-19.

Работник: Порталот Работник, изминатата недела го отвори прашањето за тоа дали треба Македонија да склучи договор со Германија за обука на работна сила и вработување. Кој е ставот на Синдикатот за угостителство и туризам по ова прашање?

Митровски: Без разлика дали е Германија или друга европска држава, на сите им е потребна добро обучена работна сила која веднаш би се вклопила во нивнот систем на работа, но дали ако истата држава од ЕУ има портеба од нови 10,000 работници од Македонија и сите тие треба да заминат наредната година како ќе се снајдат со работници некои сектори, како што се угостителството и туризмот кога и сега недостига кадар.

Алармот е поодамна вклучен но дали на некој му одговара да е глув ќе покаже времето, мислиме дека е време газдите индивидуално да пристапат на проблемот. С.У.Т има план како одреден број работници би останале да работат во Р.М но како и досега никој не ги слуша нашите идеи и размислувања.