ИнтервјуаСветот на работникот

(ИНТЕРВЈУ) Кочовски: Фаворизирањето на профитот пред работниците, ќе доведе до колапс на системот

Бобан Илијевски

Покрај синдикатите коишто се залагаат за подобрување на работничките права, постојат и здруженија коишто се формирани за да им помогнат на работниците во остварувањата на правата од работен однос. Едно од овие Здруженија е и Движењето за социјална правда „Обединети Работници“, чиј претседател е Бобан Кочовски, со кого го правиме денешното интервју. 

Во прилог следува целосното интервју:

Работник: Може ли да ни кажете зошто и кога настана Движењето за социјална правда „Обединети Работници“?

Кочовски: Движењето за социјална правда „Обединети работници“ е релативно ново здружение на граѓани кое што своите почетоци ги бележи од оваа пролет. Идејата за создавањето на организација од овој тип се должи на фактот дека работниците во Република Македонија се оставени сами на себе, нешто што се повторува долги години, каде што за жал тие се оставени самите да се снаоѓаат при решавање на проблемите со кои се соочуваат во нивното секојдневие. Ваквите појави за нас се недозволиви и сметавме дека мораме да започнеме со активни заложби и да помогнеме на што е можно поголем број на работници чии права се прекршени.

Работник: Што се залага „Обединети работници“ да направи следниот период во сферата на работните односи?

Кочовски: Покрај секојдневните правни услуги кои што ги даваме на работниците, изработивме и неколку промени на законските одредби кои што во скоро време ќе бидат пласирани во јавноста, како и до сите политички партии кои што се дел од Собранието на Република Македонија. Овие измени првенствено се однесуваат на Законот за работните односи, но ќе бидат опфатени и други закони кои што ја уредуваат оваа материја. Исто така, во текот на наредниот месец ќе бидат доставени барања до Општините ширум државава за да бидат реализирани проекти од локално значење кои што ќе имаат цел да го подобрат животот на голем број на наши сограѓани.

Работник: Дали Ви се обраќаат работници чии права биле прекршени. На што најмногу се жалат?

Кочовски: За жал, бројката на работници кои што имаат проблеми при работен однос е огромна. Работниците континуирано се предмет на притисоци, закани и уцени од страна на дел од работодавачите кои што ја злоупотребуваат својата положба, па често имаме полни раце работа. Злоупотребите со договорот на определено работно време, неисплаќањето на плати и К15, манипулациите со прекувремената работа, како и разните изигрувања со придонесите и годишниот одмор, се дел од проблемите со кои што се соочуваат работниците во Република Македонија. Состојбата е далеку од идеална, но се обидуваме максимално да се посветиме на изнаоѓање на решение за секој поединечен случај кој што е доставен до нас.  

Работник: Како Вие можете да им помогнете на работниците чии права се прекршени?
Кочовски: „Обединети работници“ иако не е здружение кое што ги има финансиите и квантитетот на кадарот како што е случај со синдикатите и политичките партии, сепак тоа не не спречува со борбен дух да бидеме целосно посветени на подобрување на благосостојбата на работниците. Она кое што ние континуирано го правиме изминативе месеци е пружање на бесплатна правна помош во насока на правни совети, изготвување на приговори, испраќање на претставки до Државен инспекторат за труд, а доколку има потреба и изработка на тужби и жалби. Во процес сме и на изработка на статии и анализи кои што ќе се однесуваат на едукација на работниците, со што тие би биле подобро упатени за тоа кои се нивните права, но и обврски при работен однос.

Работник: Дали имате соработка со други Движења или граѓански организации кои се од сферата на работните односи? Кои се тие?

Кочовски: Соработката со други организации е од исклучително значење, па поради тоа имаме остварено неформална соработка со неколку здруженија, синдикати и комори. Планираме оваа есен да потпишеме неколку меморандуми со соработка со цел да биде создаден „работнички фронт“ кој што ќе делува координирано и потенцијално би успеал да направи реални промени кои што ќе ја подобрат состојбата на работниците. Организациите се од областа на индустријата, текстилот, угостителството, но исто така и организации кои што се од доменот на поедини категории на лица кои што се на маргините од нашето општество.

Работник: Што според Вас треба да се направи за да се подобри ситуацијата со работничките права во Македонија.

Кочовски: Најнапред мора да се случи “будење“ на државните органи затоа што тие се најдиректно виновни за се што се случува со работниците. Можеме да бараме виновници на секое место, но останува фактот дека крајната одлука ја имаат Владата и Собранието. Пасивноста на Државниот инспекторат за труд е исто така проблем кој што долги години не е решен, па се случува токму поради нивната пасивност и неажурност да се направи огромна штета по работниците кои што побарале нивна помош. Секако, мора да ги спомнеме и дел од работодавачите кои што во работниците гледаат само работна сила која што треба да биде експлоатирана за остварување на поголем профит, но реалноста е дека тие тоа го прават затоа што “некој“ тоа им го дозволува! Доколку сакаме суштински прогрес во однос на работничките права потребни се и суштински промени. Сфаќаме дека моменталното општество е капиталистичко по својата природа и дека старите социјалистички сфаќања се повеќе се напуштаат, но останува фактот дека фаворизирањето на профитот пред интересите и потребите на работниците ќе доведе до колапс на целиот систем во блиска иднина. Затоа, ги советуваме пратениците, министрите и останатите функционери, да размислат што и како преземаат, односно не преземаат кога се работи за работничките права, затоа што од нив зависи дали Република Македонија ќе биде држава на среќни работници или држава на робови на 21 век!