ИнтервјуаНовостиСветот на работникот

(ИНТЕРВЈУ) Лазовски: Работата од далечина ќе овозможи да се работи од Македонија за компанија на друг континент

   Време за читање 12 минути

Ексклузивно интервју со Правниот советник на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Петар Лазовски, во кое тој зборува за ставот на МАСИТ за работата на далечина, нејзините предности и недостатоци, за комбинираниот модел на работа и колку може истиот да биде применлив во Македонија. 

Разговараше: Бобан Илијевски

Лазовски во текот на интервјуто укажува дека работата на далечина може да им овозможи на работниците од Македонија да работат за компанија на друг континент и посочи дека МАСИТ веќе подолго време иницира да се доуреди Законот за работни односи во делот на работата на далечина. 

Во продолжение целосното интервју: 

Работник: Кој е ставот на МАСИТ за работата од дома (од далечина). Дали овој модел на работа може да биде успешно применет во Македонија?

Лазовски: МАСИТ во изминатите години активно се залага за до регулирање на законот за работни односи во делот на работа од дома или т.н. работа од далечина. ИКТ компаниите од Македонија имаат голема потреба од ефикасен и лесно спроведлив закон во пракса кој ќе им овозможи полесно деловно функционирање и склучување на договори од ваков тип.

Имено, проблемот во постоечкото законско решение за работни односи се јавува како последица на брзиот развој на техничко технолошкиот процес особено како резултат на развојот на информатичките технологии кои овозможуваат работа вон работните простории, а постојната регулативата нема експлицитни одредби за сите можни ситуации. Непостоењето на доволно јасни и прецизни одредби во законот за работни односи поврзани со вршење на работа од дома создава правна несигурност кај работодавците со што остава можност за различно толкување од страна на субјектите инволвирани во овој процес. Не постои можност за слободно договарање помеѓу работникот и работодавачот во организирањето и вреднувањето на работата од дома, користењето на средствата за работа, условите за работење дома, контрола на работното време, флексибилност на работното време и работните денови. МАСИТ во склоп на своите предлози направи преглед на добри примери и пракси за регулација на предметот “работа од дома”, и моделот на Велика Британија, е лесно применлив и во нашата држава. Поради правната несигурност и недореченоста на законот, постои недоволна заинтересираност кај работодавачите за склучување на вакви договори, иако праксата го наложува тоа, а во голема мерка работниците се заинтересирани за ваква работа, постојано или повремено.

МАСИТ во текот на 2019 година и 2020 година активно соработува со Министерството за труд и социјална политика и сите други инволвирани институции кои се креатори на нов предлог закон преку активно учество на состаноци и работни групи за најавените измени во 2021 година. Дополнително, МАСИТ и преку достава на позициски документи кои конкретно беа насочени кон законска дерегулација и детално објаснување на потребата и причините за имплементација на „работа од дома„ му пристапи на Министерството во неколку наврати во изминатите години, пред појавата на кризата предизвикана од корона вирусот.  

Имено, би сакале да нагласиме дека сите инволвирани страни за конкретизирање на предлог ново законското решение ја сфатија потребата од имплементација на барањата на МАСИТ кои активно ги доставуваме во изминатите години, а текот и развојот на пандемијата претставуваше одлична прилика дополнително да се забрза целокупната потреба од соодветно утврдување на законските права за работодавачите преку кој се надминува правната несигурност од аспект на склучување на овој тип на договори.

Работник: Кои според Вас се предностите, а кои недостатоците на овој модел на работа?

Лазовски: Како секое законско решение, така и ова, нормално е да има свои предности и свои недостатоци, но сепак ние се трудиме преку конструктивни предлози кои би ги опфатиле сите аспекти при склучување на ваков тип на договори, да ги минимизираме сите т.н. недостатоци кои би влијаеле на двете договорни страни. Во самите измени на ова ново предлог законско решение предлагаме да се вметнат одредби кои ќе ги прецизираат условите и начинот на склучување на работата од далечина. Како своевидна примарна предност може да се нагласи оптимизација на трошоците за вработување, со што се зголемува конкурентноста на компаниите, полесно договарање на плата и надоместоци, флексибилно работно време, работа вон работно време по избор на работникот, работни обврски дефинирани по обем и квалитет во единица време наместо дефинирање на работна седмица низ работни часови и слично. Дополнително, работата за странски партнери станува значително олеснета, а нашите вработени добиваат можност да се вработени во компании и од други континенти, а целата “операција” да ја извршуваат од дома.

Ваквиот тип на договори единствено можат да го олеснат целиот процес и да дадат слобода на договарање помеѓу работникот и работодавачот, но сепак истиот треба да биде стриктен во одредбите на самата содржина на договорот, со цел да се утврди дисциплината и исполнувањето на работните задачи од страна на работникот со цел работодавачот да има механизам преку кој ќе го мери трудот на работникот.

Работник: Дали овој модел на работа би можел да се задржи и по пандемијата?

Лазовски: Пандемијата во претходниот период ја одложи примената и до регулацијата на законот за работни односи (ЗРО), но истата не научи дека од особена важност е имплементација и модернизација на ова законско решение, конкретно во делот на работа од дома и флексибилно работно време. Сите работодавачи без разлика во која индустрија работат се единствени во ставот дека е потребна итна имплементација за планираните измени во ЗРО за кои се дискутира подолг период. Во случај на решавање на овој проблем ќе се зголеми заинтересираноста за склучување на овој тип на договори за работа, што би значело намалување на невработеноста, односно друштвата ќе се поттикнат да вработуваат работници што пак од своја страна значи намалување на невработеноста и зголемување на конкурентноста на компаниите. Поради овој факт и најавите од надлежните институции дека овој тип на договори ќе бидат инкорпорирани во новото законско решение на ЗРО, дава позитивни сигнали за сеопфатно подобрување на состојбите во стопанството и намалување на невработеноста во државата.

Работник: Како би било најповолно за бизнис секторот да се уреди законски овој модел на работа?

Лазовски: МАСИТ како претставник на ИКТ индустријата во РСМ со цел подобрување на условите и застапување на интересите на ИКТ компаниите, сметаме дека законското решение во овој дел треба да биде уредено според интернационалните пракси кои веќе се применети, имплементирани и истите даваат резултати. На пример, во Велика Британија, постои вон ресорно владино тело ACAS (The Advisory, Conciliation and Arbitration Service). Цел на ова тело е да го унапредува организирањето и „работниот живот“ преку промовирање и олеснување на силни пракси за секоја индустрија. Во рамки на ова ACAS има регулатива и издава Прирачници, вклучително и за работа од дома.

Во Велика Британија под работа од дома се подразбира работа од било која локација која не е во просториите на работодавачот. Оваа работа се нарекува работа од дома или теле-комуницирање и можна е во комбинација како цело времена работа од дома или повремена.

Под работа од дома не се подразбира т.н. „традиционално работење од дома“ (изработка на ракотворби, шиење облека, лепење коверти и сл.) бидејќи ова потпаѓа под поимот “Piece work”.

Работа од дома или работа со теле-комуникација покрива различен тип на обврски:

–              Целосно работење од дома освен повремено присуство на состаноци во канцеларија или состаноци со клиенти

–              Време поделено помеѓу канцелариско работење и работење од дома или со клиент (на пр. 2 дена во канцеларија и 3 дена дома/со клиенти)

–              Некои вработени може да претпочитаат да работат во канцеларија, а само повремено да работат од дома

Работа од дома е тип на флексибилно работење кое во зависност од договорот помеѓу работодавачот и вработениот може да биде искористен во корелација со други договори или независно.

Дефинирани се прашања кои треба да бидат регулирани (работно време, прекувремена работа, опрема, заштита при работа, тимско работење, кои работи се подобни за вршење од дома и слично).

ACAS има изготвено и 2 листи за проверка (check lists) за политиките за работа од дома и за воспоставување на работен однос од дома (Homeworking Policy; Checklist for setting homeworking).

ACAS дури дава и упатства (или подобро речено поука) како да се менаџираат вработените од дома, бидејќи и во Велика Британија менаџерите сметаат дека (покрај сите предности) потешко е да се организира и менаџира работењето на работниците кои работат од дома.

Во однос на примената на безбедноста на „работното место во домот“ работодавачот е должен да исконтролира дека станува збор за здрава и безбедна средина и да изврши проценка. По позитивната проценка, обврската за одржување на минималните безбедни и здрави услови поминува на работникот.

Работник: Ширум светот започнува да е применува комбиниран модел на работа. Тоа значи дека вработените, дел од работното време го поминуваат во канцелариите, а дел од дома. Што мислите за овој модел и дали истиот би требало да се прифати и кај нас. Какво влијание би имал овој начин на работа врз работниот процес?

Лазовски: Комбинираниот модел на работа ќе зависи од взаемниот договор помеѓу работникот и работодавачот, како и од типот на работни задачи кои вработениот ќе мора да ги исполнува базирано на задачите предвидени во описот на работното место. Доколку на пример работните задачи на одреден работник мора да бидат надвор од канцеларија односно работникот треба да врши теренска работа, тој вработен ќе мора да биде физички присутен и на своето работно место. Доколку работодавачот сака да го применува овој модел на работа пред се треба да ја земе во предвид природата на работните задачи на секој вработен одделно и тоа да го регулира правно формално со работникот.

Овој модел би била позитивна измена во предлог законското решение и од секој аспект треба да се даде слобода на договарање помеѓу работникот и работодавачот. Во таа насока, комбиниран модел на работа би бил апликативен за одреден број на индустрии каде тоа може да се примени и правно формално да се воспостави.