Исплатата на пензиите од 30 јануари

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензиите за месец јануари 2023 година, која треба да овозможи пензионерите да може да располагаат со јануарските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 30 јануари. -Задолжен е Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 27.01.2023 година, при што се препорачува на деловните банки да обезбедат, пензионерите да може да располагаат со јануарските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 30.01.2023 година, се вели во соопштението од Владата.

На деловните банки им се препорачува преку филијалите и експозитурите на банките, да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи, според висината на пензијата.

-За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 30 јануари (понеделник), за пензии со висина од 11.001 до14.000 денари, исплатата да се изврши на 31 јануари, (вторник), за пензии со висина од 14.001 до 18.000 денари, исплатата да се изврши на 1 февруари (среда) и за пензии со висина над 18.001 денар, исплатата да се изврши на 2 февруари (четврток), информираат од Владата по завршувањето на денешната седница.