Каква работа! Им наплатува 30.000 долари на очајни родители за смислување имиња за бебиња
Богати идни родители трошат десетици илјади долари за да ангажираат „професионален давател на имиња за бебиња“ кој ќе помогне нивното дете да добие совршено име.
Тејлор А. Хамфри започнала пред речиси една деценија да објавува на интернет за својата опсесија со имиња – а денес тоа ѝ е луксузен бизнис.
„Во оваа работа има многу повеќе отколку што луѓето мислат,“ изјавила Хамфри за San Francisco Chronicle. „Понекогаш добивам толку итни повици од клиенти што морам сè да оставам и веднаш да им помогнам.“
Од 1.500 до 30.000 долари
Консултантката од Сан Франциско во 2020 година помогнала да се именуваат повеќе од 100 бебиња, заработувајќи над 150.000 долари од богати парови – во време кога за услугата наплатувала „само“ 1.500 долари.
Денес, Хамфри (37) има околу 100.000 следбеници на TikTok и Instagram, како и растечко портфолио со повеќе од 500 имиња на деца на кои им помогнала да добијат име. Сега нејзините услуги чинат и до 30.000 долари.
Хамфри е обучена дула со искуство во брендирање и маркетинг, а себеси се опишува како „штребер за имиња“, со илјадници табели полни со предлози. Прифаќањето нови клиенти започнува со прашалници за подобро разбирање на личноста на родителите, нивните интереси и што сакаат или не сакаат кај едно име.
За едноставен мејл со персонализирани предлози – кои вклучуваат значење на името, потекло, варијанти во пишување, историја на популарност и „вибра“ – потребно е да се издвојат најмалку 200 долари. Но нејзините подетални услуги почнуваат од 10.000 долари, што носи „VIP третман“.
Сè поспецифични барања
Дополнителните услуги вклучуваат одредување на „уникатна естетика на името“, „брендирање на бебешкото име“, ангажирање генеалог за пребарување низ семејното стебло или дури вработување „think tank“ кој разгледува опции.
Барањата на клиентите станале сè поспецифични – тие сакаат име кое е невообичаено, но не и чудно; едноставно, но не и обично; модерно, но не премногу тренди.
„За време на видео консултациите, често се чувствувам повеќе како терапевт или медијатор отколку како консултант за имиња,“ вели таа.
Нејзината клиентела е разновидна – од анонимни милионери до познати личности – а изборот на име понекогаш изгледа како одлука со висок ризик. Хамфри има листа на чекање уште од 2021 година, кога беше претставена во The New Yorker.
Таа е една од само десетина професионални консултантки за имиња во САД кои работат на полно работно време, а се верува дека е единствената во областа на заливот Сан Франциско.
„Малку е непријатно кога луѓето ти се смеат на интернет,“ вели Хамфри. „Но во исто време си мислам: ‘Па добро, навистина е малку смешно’. Јас живеам од тоа што смислувам имиња за бебиња.“
Извор: BIZLife.rs

