Ковачевски: Невработеност под 10 отсто до крајот на мандатот
Премиерот Димитар Ковачевски, во придружба на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, денеска го посети претпријатието „Метал Декор Дизајн“.
Како што информираат од Владата, премиерот се сретна со основачот на „Метал Декор Дизајн”, Игор Младеновски, кој го основал претпријатието благодарение на мерката за самовработување од Оперативниот план за вработување на Министерството за труд и социјална политика, што ги спроведува Агенцијата за вработување.
Игор Младеновски ја искористил финансиската поддршка од мерката за вработување и во 2018 година ја основал компанијата „Метал Декор Дизајн” за изработка на внатрешен и надворешен ентериер, изработка на огради, натстрешници и браварски услуги. Денеска фирмата има 12 вработени и набавена опрема која овозможува ширење на листата на услуги.
Премиерот Ковачевски за Оперативниот план за вработување оцени дека е еден од најуспешните проекти на Владата со кој во 2021 година се реализирани дури 94,6 проценти од предвидените мерки и се вработија 11.292 невработени лица.
Тој истакна дека мерките од Оперативниот план за вработување учествуваа во намалувањето на невработеноста до историските 15,9 отсто, со тенденција да продолжи да опаѓа и дека до крајот на актуелниот мандат на Владата ќе биде постигната невработеност од под 10 отсто.
– Охрабрени од резултатите на Оперативниот план за 2021 година во буџетот за оваа намена за 2022 година се обезбедени зголемени финансии, односно 1,73 милијарди денари, изјави Ковачевски, нагласувајќи дека тоа ветува успешни бизнис иницијативи во иднина.
