Ковачевски: Ребалансот на Буџетот е направен одговорно, го штитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите

„Ребалансот на Буџетот е насочен главно кон справување со економската криза, ревидирање на фискалните проекции, реконструирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизација на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит”, соопшти премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
Тој посочи дека ребалансот на Буџетот пред само неколку дена е усвоен од страна на Владата и веќе е во Собранието и веројатно во наредните денови ќе започне неговата расправа во Парламентот.
„Ние во овој ребаланс на Буџетот предвидовме и успеавме да направиме намалување на непродуктивните трошоци и трошоци, коишто не мора да се направат, во износ од 215 милиони евра, тоа никогаш до сега не е направено. Меѓутоа со оглед на ситуацијата и со оглед на тоа дека нѐ очекува навистина тешка зима, сметавме дека треба да се намали, да има значително намалување на расходи коишто не мора да се случат оваа година и тој износ е 215 милиони евра. Тие средства, зголемени со проширениот дефицит, се наменети за финансирање на животниот стандард на населението, кажав дека веќе имаме оставено дополнителни 76 милиони евра во резерва”, рече премиерот Ковачевски.
Тој дообјасни дека новите дополнителни 76 милиони евра коишто се планирани во ребалансот на Буџетот, се наменети за случај доколку е потребно повторно да се интервенира до крајот на годината со нови антикризни мерки заради заштита на животниот стандард на граѓаните.
„Затоа што се наоѓаме во услови на исклучително голема економска криза којашто е предизвикана, прво, од штотуку завршената здравствена пандемија и второ заради војната во Украина. Војната предизвика зголемување на светските цени на храната и на енергенсите и на недостаток на храна и на енергенси, што ги подгреа инфлаторните движења во сите држави”, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски рече дека „инфлаторните движења се исклучиво предизвикани од екстремни фактори и за коишто треба да се интервенира како на фискалната страна на политиката, така и на монетарната со цел на одржување на стабилноста на макроекономските индикатори на државата”, а дека бројките се практично идентични со инфлаторните движења во Франција, Германија, Австрија, Холандија.
За конкретен пример од регионот, премиерот ја посочи Хрватска.
„Во споредба со порано, овој месец Хрватска исто така направи ребаланс на Буџетот, во кој имаат корекција на БДП исто како што имаме и ние. Потоа направија зголемување на инфлацијата, исто и како ние што имаме направено. Хрватска ја зголеми инфлацијата од 2.8 проценти на 7.8 проценти, ние на 7.2 проценти. Приходната страна на хрватскиот Буџет е зголемена, исто така зголемена е и расходната страна на буџетот, и ако направиме аналогија со нашиот Буџет, тогаш исто така и кај нас приходната страна е зголемена, исто така и расходната страна на Буџетот е зголемена. Начелно, доколку ги погледнеме измените коишто се направени во Хрватска и доколку ги споредиме со нашите, тогаш се работи за исти тип на промени коишто се направени. Зошто ја направив оваа аналогија, бидејќи се работи за економија којашто произлегува од истиот систем, порано бевме во иста федерација. Хрватска е членка на ЕУ и исто така беше погодена од сите финансиски текови поеднакво, што значи дека и економските политики коишто се водат се многу слични и проекциите се многу слични”, објасни премиерот Ковачевски.
Тој посочи и на фокусот во ребалансот кон земјоделството.
„Потоа, дополнителни 52 милиони евра за земјоделците – бидејќи направивме Национална програма за зголемено производство на храна. Веќе се доделени во големина од 5.000 хектари, на земјоделците, за производство на стратешки култури, дополнително сега од 6.000 хектари земјиште исто така за лицитација за производство на стратешки култури. Зголемено е нивото на субвенции за производство на жито, сончогледово семе, што исто така се стратешки култури и предвидена е авансна исплата во овоштарството, на субвенциите, со цел да им бидат достапни финансиските средства на земјоделците. ИПАРД програмата е двојно зголемена, што значи дека ЕУ има доверба во перформансите во македонското земјоделие и перформансите на Министерството за земјоделство и сите средства како изминатата година ќе бидат 100 проценти искористени”, соопшти премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата рече дека се обезбедени средства и за зголемување и непречена исплата на пензиите и платите во образованието и во детската заштита, дека се предвидени и зголемувањата на платите во МНР, во судскиот систем и во другите институции коишто исто така беа предмет на разговор со синдикати и предмет на разговори и на буџетирање во регионалниот буџет направен минатата година. Тој додаде дека е предвидено и зголемување на трансферите до општините што се должи на тоа што финансиските средства за образованието и градинките се исплаќаат преку општините и во ребалансот на Буџетот е предвидено зголемувањето на овие плати да оди како трансфер на општините, коишто потоа ги исплаќаат до вработените – „што значи дека општините не треба да се грижат, односно финансиските средства ќе бидат дел од дотациите и трансферите коишто ќе се извршуваат непречено”.
Премиерот Ковачевски рече дека вкупните приходи со ребалансот се планирани да бидат зголемени со 6.9 милијарди денари или 2.9 проценти повисоко во однос на иницијално планираниот Буџет и дека тоа се должи на зголемената основа, односно намалување на даночната инвазија и зголемувањето на контролите од страна на УЈП и на другите ресорни институции задолжени за намалување на сивата економија, како и на другите мерки коишто се преземаат заради зголемување на опфатот на оданочувањето, без зголемување на самите стапки.
„Вкупните расходи се планирани на ниво од 288 милијарди денари, или за 5.5 проценти повеќе во однос на иницијално планираните, што значи дека се некаде околу 16 милијарди денари или повеќе, кои што ќе се искористат исклучиво за поддршка на стандардот на граѓаните, за поддршка на економијата и за ликвидноста на компаниите, како и за обезбедување финансиски средства за енергетскиот сектор, со оглед на тоа дека според движењата на цените на гасот, според тоа што не застанува војната во Украина, се очекува уште поголемо зголемување на цената на енергенсите, меѓутоа и на електричната енергија”, додаде премиерот.
„Се шпекулираше со поголеми бројки, со поголеми проекции, меѓутоа како што кажавме на почетокот, Буџетот е направен навистина одговорно, односно ребалансот, затоа и дефицитот е на ниво од 5.5 проценти. Проектираме дополнителна финансиска поддршка од 4.7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите и тоа пред сè заради продолжената криза со цената на енергенсите и на основните прехранбени примарни производи”, рече премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.