- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Ковид кризата ги забрза проектите за вработувања на АВРСМ, реализирани над 90 отсто од плановите

Ковид кризата ги забрза проектите - Работник
89views

Негативните последици врз работењето на компаниите и губењето на работните места под влијание на пандемијата со ковид-19 ја поттикнаа и забрзаа реализацијата на проекти за вработување, самовработување и обуки за невработените кои ги спроведува Агенцијата за вработување на Северна Македонија (АВРСМ) посочуваат надлежните, и нагласуваат дека сите планови досега се реализирани со над 90 отсто.

„Од 30 март годинава, до крајот на ноември, евидентирани се 16.381 нови невработени лица на кои им престанал работниот однос во периодот на ковид кризата. Иако оваа криза влијае на сите области од нашето живеење, имаме висока искористеност и процент на реализација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Со овој План за 2020 година предвиден е опфат на 11.596 невработени, а заклучно со 30 ноември, тој е реализиран со високи 92,1 отсто. Планот за оваа година има рекордно најголем буџет за реализација до сега, во висина од 1.488.024.259 денари (24 милиони евра)“, изјавија за „Мета.мк“ од АВРСМ.

Додаваат дека на пазарот најмногу има недостиг од квалификувани работници, што се потврдува од пријавите на работодавачите во Агенцијата. Така, во рамки на мерката Обука за стручни квалификации, компаниите најмногу барале обуки за струките метало обработувач, стаклопластичар, бариста (работа зад шанк), ракувач со машина за плетење, службеник во сметководство и слично.

Со Програмата за самовработување наменета за невработени кои сакаат да започнат сопствен бизнис, досега се поддржале 1.468 нови бизниси, односно 98,5 отсто од планираниот опфат од 1.490 лица. А, со вработување со субвенција на плати или грант за набавка на опрема или материјали, реализирани се вработувања на 2.577 лица, односно 94,3 отсто од планираниот опфат од 2.734 невработени.

Голем е интересот за практичните програми за директно вработување преку програмата Практиканство во која досега учествувале 1.545 невработени лица на возраст до 34 години (98,1 отсто од планираниот опфат од 1.575 лица) и се стекнале со рани практични вештини.

„Најголема искористеност има кај обуката за напредни ИТ вештини во која се вклучени 120 невработени лица и бележи 100 отсто од планираната реализација“, велат од АВРСМ.

И во новиот Оперативен план за 2021, објаснуваат од Агенцијата, повторно ќе се стави акцент на програмите за поддршка за вработување и за зголемување на вработеноста, според состојбата и влијанието на ковид кризата на пазарот.

Според последните податоци на АВРСМ, на крајот на ноември имало вкупно 242.979 невработени лица, од кои 155.218 се пријавени како активни баратели на работа. Од почетокот на 2020 до крајот на ноември, пак, остварени се вкупно 157.146 нови вработувања, од кои 67.479 се на неопределено.

Извор: Мета.мк