Кога граѓаните ќе видат ВИСТИНСКО НАМАЛУВАЊЕ НА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ

Владата деновиве зачести со најавите дека цените на храната ќе почнат да паѓаат како резултат на тоа што компании од прехранбената индустрија користат субвенционирана струја.

Владини функционери веќе и се фалат дека цените паднале, но во реалноста тоа граѓаните не го гледаат за повеќето производи. Граѓаните се уште чекаат да паднат високите цени.

Од министерството за економија велат дека намалување има кај дел од производителите но се чека да се потрошат залихите произведени по старите цени на енергенси.

„Кај дел од производителите на прехранбени производи веќе е регистрирано намалување на цените, кај млечните производи, зејтинот, лебот, месните производи. Треба да се има во предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени. Во наредниот период очекуваме дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители од пекарската, од млечната и од месната индустрија, кое што намалување очекуваме да биде до 10 отсто“, информираат од Министерството за економија.

Според официјалните информации под капата на ЕСМ Продажба во моментов се 187 компании од прехранбената индустрија имаат склучено договор за субвенционирана струја а останатите имаат рок за пријава до 20 декември за да користат субвенционира струја од 1 јануари.

Според власта пазарните инспектори се на терен и проверуваат како се формираат цените кои ги плаќаат граѓаните.