КОГА ИМ ГИ ЗЕМАВМЕ ХЕРОИТЕ НА ДЕЦАТА?
Колумна на Александра Андреева
Кога растеме сите имаме идоли кои не водат низ животот посакувајќи да пораснеме како нив. Како омилената наставничка, како оној фудбалер, како онаа актерка, како чичкото полицаец. Не ретко тенџерињата дома ни се тапани сакајќи да личиме на тапанарот од некоја позната група, а далечинскиот управувач од телевизорот е микрофонот на кој ги пееме хитовите на омилената пејачка. Секако, мама и тато се првите херои во нашите очи и често пати тоа не води и подоцна, па така имаме фамилија доктори, адвокати итн.
Но изминативе години многу често се наоѓам самата како размислувам за едно исто прашање… Какви херои ние им даваме на децата? Се што слушаме на телевизија се скандали, наместени тендери, искривени вредности и корумпирани политичари одродени од народот што по примерот на Јуда за грст златници продаваат се, па дури и корените од минатото, бришејќи ја иднината во сегашноста.
Од “воспитно-образовна” програма на менито имаме турски серии на македонски јазик за да ги отруеме децата уште од најмала возраст, или за постарите тик-ток и инстаграм инфлуенсери кои им продаваат лажна слика за совршен живот полн со блуд и разврат како нормална појава.
Но, за жал агонијата не запира тука. Наместо библиотеки, книжари, спортски центри и креативни катчиња каде што децата ќе научат нешто, ние на секој чекор промовираме кладилници, казина и така наречени продавници за пари, а всушност легална лихва во вид на брзи кредити кои уништуваат фамилии.
И сето тоа ни е нормално. Секое чудо за три дена. Толку сме отрпнати и отапени што веќе не ги ни приметуваме. А треба, и тоа како треба. Оти не случајно секојдневно не тресат скандали, не случајно имаме младина на која ништо не и е свето, која успехот го гледа во лесни пари и инстант задоволства, дури и по цена на сопствениот, но и туѓиот живот и достоинство. Ви звучи познато?
Се прашувам каде згрешивме? Кога скршнавме од патот, кој е виновен? И колку и да не сакам да си признаам, колку и да боли вистината, знам кон кого треба да го вперам прстот. Кон себе. Кон тебе. Јас сум виновна. И ти си виновен. Тогаш кога одлучи да преќутиш пред неправдата, тогаш кога се оттргнав од вистинските вредности, тогаш кога го одбра полесниот наместо праведниот пат, тогаш кога заборавив која сум, од каде потекнувам и каде одам, тогаш, е токму тогаш им ги земавме хероите на децата. Токму тогаш заборавивме како да им бидеме пример, да растат и живеат бивајќи ЧОВЕК.
Оттука, се додека не тргнеме од самите себе, се додека не размислиме каде сме и каде одиме, што промовираме и каков пример даваме, нека не не чудат искривените вредности и деца кои растат без компас кој ќе ги води низ виорот на животот. Тука ќе завршам. За крај ќе ве оставам со мислата: најди херој, биди херој, воспитај херој. Оти само така ќе изградиме живот со живот во него.

