- Advertisement -
КолумниНовости

Колку чини заболувањето од Ковид – 19?

Продуктивноста на работниците - Работник
910views

Досега прочитав толку многу лоши искуства со здравствениот систем што повеќе не ми се отвора фејсбук или твитер. Ги сфаќам луѓето што се жалат, навистина ги сфаќам. Впрочем нашиот здравствен систем отсекогаш бил лош. Сето тоа се рефлектира сега, кога истиот е најпотребен од кога било. Но, нејсе, нема да пишувам за тоа, туку ќе се осврнам на еден друг аспект на болеста Ковид – 19, а тоа е финансискиот.

Пред неколку дена ме контактираше еден познаник кој ми го раскажа своето искуство со Ковид – 19. Ми раскажа дека биле заразени тој и неговото семејство (вкупно 5 луѓе). Неговиот матичен доктор не можел да најде термин за тестирање, па тој морал да плати 1,850 денари за да го тестираат во Центарот за јавно здравје и тоа не во Скопје, туку во Тетово. 1,850 денари, заедно со патарините во две насоки и горивото чинат сума којашто е голема за наш стандард. Да не зборуваме за тоа дека во автомобилот возиш заразен.

Човекот ми кажа дека сите пет члена во семејството биле заразени, па сите морале да пијат витамини коишто чинат доста пари. Кога ќе се пресмета колку витамини треба да се набави за да пие едно петочлено семејство, притоа знаејќи колку се цените, доаѓаме до една сума којашто не е ни приближно мала. На сето тоа кога ќе се додаде овошјето, зеленчукот, јогуртите и киселите млека за пет луѓе, тогаш сумата станува уште поголема. Да не зборуваме пак оние коишто се тестираа во приватните болници. Тоа е една сосема друга тема.  

Човекот со којшто разговарав ми кажа дека него болеста Ковид – 19 го чинела над 30,000 денари. Тоа се речиси две минимални плати. Мислам дека ретко постои човек кој би имал можност да даде толку пари низ целиот процес на лекување. Тој мора да подмири и режиски трошоци, но мора да купи и храна. Дури и двајца да земаат плата по 20,000 денари во едно петочлено семејство, повторно нема да постигнат со пари. Патем, да не заборавиме дека сега е зима, а има доста луѓе коишто се греат на струја чија цена се зголеми, а и се троши многу повеќе бидејќи е студено.

И згора на сето ова, Владата повторно има смелост да одлучи оние кои се на боледување поради Ковид – 19, да земаат најмногу 90 % од боледувањето, кога ни со 100 % од нивната плата не можат да го истуркаат месецот. Инаку, намерно не пресметав погоре колку чини се. Тоа ќе им го оставам на читателите, а оние пак коишто имале искуство веќе знаат.

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник