- Advertisement -
НовостиПравдаСветот на работникот

Кочовски: Носењето на нов Закон за работни односи нема да промени ништо!

709views
Фејсбук статус на Бобан Кочовски, Претседател на Движењето за социјална правда “Обединети Работници”:
 
Носењето на нов Закон за работни односи нема да промени ама баш ништо! Да, потребни се одредени корекции во одредени домени од неговото регулирање, но генерално земено овој закон има солидни темели. Тоа што никогаш не беше спроведен до крај е сосема друго прашање кое што би го дискутирале во некоја наредна прилика.
Паралелно со носењето на новиот Закон за работни односи е најавено и носење на фамозниот владин проект – „Недела како неработен ден“, проект кој што подолго од една година е најавуван како своевиден спас за работниците, а во суштина е само обична манипулација бидејќи воопшто не се работи за неработење во денот недела, туку добивање на поплатена дневница за оние кои што ќе работат (а тоа е скоро секоја дејност во државава!).
Интересно е што проектот „Недела како неработен ден“ е амандман на постоечкиот ЗРО од 2005та година, односно се работи за изменување и дополнување на постоечкиот законски текст.
Овде се судираме со едно мошне интересно и контрадикторно прашање – Па како ќе се носи нов ЗРО, а во исто време и проектот – „Недела како неработен ден“?! Дали повторно власта во немоќ и непознавање на материјата направи обична политичка манипулација за некој глас повеќе?! Дали се свесни дека едното со другото не се надополнуваат, дотолку повеќе, едното не може да постои заедно со другото?!
Доколку се донесе нов Закон за работните односи, тогаш нема да се донесе амандманот за проектот „Недела како неработен ден“, и обратно. Тоа е доволен доказ дека за еден од овие најавувани проекти власта не ја кажува вистината или пак ни самата не разбира што прави. Толку е едноставно.
Во однос на новиот ЗРО, се надевам дека нема никогаш да биде донесен бидејќи сум убеден дека истиот ќе биде под влијание на работодавачите и флексибилизација на работниот однос, при што би се намалила енормно сигурноста на работниците. На ова би ги додал и тенденциите на западните земји кои што се многу брутални кон работниците, нешто што во моменталната состојба на пазарот на труд во Република Македонија би се покажало екстремно штетно!
Убеден сум дека решението е амандманско пристапување на проблемот, односно таргетирање на непожелните членови од постоечкиот законски текст, со што за прв пат би добиле квалитетен закон кој што би бил во интерес на сите засегнати страни.