КСС: На преку 50,000 работници им се заканува губење на работното место, на повидок е социјална криза
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија –КСС тргнувајќи од фактот на се понагласено кршење на работничките права, на се повеќе губење на работни места го упатува ова соопштение до јавноста да побара и укаже на мерки кои треба итно да се спроведат, соопштија од КСС.
Според нив, состојбата е повеќе од загрижувачка и алармантна, од причина што секојдневно се зголемува бројот на невработени во реалниот сектор.
“Од друга страна слушаме за се повеќе вработувања во јавниот сектор. Во последните два месеци работното место го изгубија преку 15.000 работници, на преку 50.000 секојдневно им се заканува отказ од причина што не земале плата веќе два месеци и ако тука се додадат и работниците во сивата економија кои се непријавени, чија бројка изнесува преку 100.000 и се најлесен таргет за губење на работа и на крај сите оние кои се на принуден одмор, некои со 70%, некои со 50%, а некои со никакви примања, доаѓаме до една застрашувачка бројка”, велат од КСС.
Посочија дека микро фирмите очајно бараат помош, бараат помош и занаетчии, таксисти, бараат помош угостители, хотелиери, сметководители и тоа, велат, само по себе кажува дека економските мерки се недоволни. Индексите за мерење на економската помош со која земјите се справиле со корона кризата кажуваат дека сме на последно место во регионот и во Европа, сметаат од КСС.
Нагласија дека и мерките за заштита на работните места се недоволни и не се применуваат, па се доаѓа до состојба на се повеќе заболени работници, бизнисите затвараат, сите трпат загуби, а надлежните институции беспомошно и немо гледаат како да се немоќни да преземат било каква акција.
Велат дека одговорност мора да постои и тоа уште денес, затоа што оваа здравствена и економска криза многу брзо ќе се претвори во социјална криза.
Сите земји во регионот и оние кои беа страшно погодени во Европа полека и сигурно се справија со заразата, истакнаа во соопштението.
“Ние неколку пати испративме предлог мерки, иницијативи изработени од стручни лица, инженери и доктори за заштита при работа, но очигледно Вие без да ги погледнете ги ставивте адакта. И ако се спроведеа тие мерки точно и прецизно опишани, со целосна анализа на последиците кои треба да се спречат, кои патем еве не газат, ние во овој момент немаше да имаме ни 10% од овие проблеми кои како облаци лебдат над нас и прашање е само кога ќе направат таква олуја што ќе треба многу време за да се санира”, посочија од КСС.
Бараат мерки и одговорност, вклучување на експертската јавност уште денес, затоа што импровизации, исполнување желби и непрофесионално правење уредби, а потоа по неколку пати преправање носи целосна конфузија, само одиме надолу.
По сите нивни анализи добиени од информации на терен, кои се загрижувачки, со стравување и загриженост прашуваат:
– Дали ќе можете до крајот на годината да финансирате одредени работни места, иако тие финансии и така не се доволни?
– Дали ќе можете да се справите со енормно голема невработеност која доколку не се преземе нешто денес за неколку месеци ќе порасне вртоглаво?
– Дали ќе можете да се справите со социјалната криза која не демне и само што не дошла на гости во нашата земја, затоа што на подолг временски период не се издржува со 6.000 ден. или 9.000 ден. или пак кај некој и без никаква егзистенција?
Од КСС потсетија на предлог мерките испратени до Владата кои може да ги погледнете на линкот во продолжение: ПлатформазаборбапротивКовид19
- КСС организира Првомајска конференција на тема: „Работничките права во време на промени: Заедно кон праведна транзиција и ефикасна администрација“ - 28/04/2025
- Германија исплаќа најмногу пензии во Хрватска – дури 84.393! - 28/04/2025
- Вработени во РТС поднесоа петиција до Парламентот: Да престанеме да жмиркаме и да не гледаме она што го гледаат сите - 28/04/2025