ЕкономијаМакедонијаСветот на работникотСиндикат

КСС бара минималецот да биде 18.000 денари по Нова Година

Конфедерацијата на Слободни синдикати ги поддржува и се приклучува кон барањата на ССМ за минималната плата да е 18.000 денари по Нова Година. Првиот човек на КСС, Благоја Ралповски за Алфа вели дека редно време било пратениците и министерството за труд и социјала го изгласаат законот.

Ралповски додава и дека висината на минималната плата не смее да биде пониска од 60% од просечната месечна нето-плата во последните три месеци, како и спирално зголемување на сите останати плати во државата.

Ние како КСС, стоиме зад се што предлага ССМ, и силно ги поддржуваме. Гледајќи го порастот на цените на се на пазарот, разговаравме дека не може да чекаме многу време, и бараме одма согласно закон да има усогласување на минималната плата. Имавме енормно зголемување на храната, средствата за хигиена и на горивата и врз основа на нашите пресметки и нашата интенција минималната плата да биде 60% од просечно исплатената плата, направивме пресметка која покажа дека минималната плата треба да биде 18.000 денари, вели за Алфа претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Покрај КСС, ваквите барања ги поддржуваат сите синдикални организации.

Сојузот на синдикатите на Македонија соопшти дека во рамките на активностите кои следат по одржаниот голем работнички протест, до Министерството за труд и социјална политика и Координаторите на пратеничките групи во Собранието доставил Предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата во бруто износ започнувајќи од месец јануари 2022 година да изнесува 26.476,00 денари или во нето износ 18.000 денари.

Во предлогот е содржано и висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци, а објавена од Државен завод за статистика.

-Предлагаме и платите на сите работниците да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници, велат од ССМ.

Појаснуваат дека покачувањето на минималната плата од нејзиното воведување по предлог на ССМ, до денес немало негативен ефект врз фирмите и државата, не довело до отпуштање на работници, ниту до кратење на нивните плати, довело само до повисока продуктивност, поради поголемата мотивација на работниците.