НовостиПравда

МАКЕДОНЦИТЕ СО НАЈМНОГУ БАРАЊА: За три години над 11.000 наши граѓани аплицирале за бугарски пасоши

   Време за читање 1 минута

Повеќе од 11.000 македонски државјани аплицирале за бугарски пасош од 2020 до ноември 2023 година. 

Има двојно зголемување на барањата за добивање бугарско државјанство во последните 3 години, покажуваат податоците на бугарското Министерство за правда.

Во 2020 година се поднесени 11.447 барања, во 2021 година – 20.094, а лани 20.825. Само годинава до 24 ноември се поднесени 23.439 барања. Во овој период се поднесени вкупно 75.805 барања за државјанство, објави бугарски „БГНЕС“. Најмногу барање поднеле македонски државјани.

„Во 2020 година бројот на македонски државјани кои поднеле барање за добивање на бугарско државјанство бил 2.551, во 2021 година – 3.428, во 2022 година – 2.051, а од почетокот на оваа година до 24 ноември овој број изнесува 2.990 лица“, стои во објавениот текст на бугарскиот медиум.

На второ место се Украинците. Најголем скок има кај граѓаните на Турција кои аплицирале за бугарско државјанство. Македонските граѓани од економски причини бараат бугарски пасоши, со цел да заминат да работат на Запад. Бугарија често говори за 120.000 Бугари во земјава, односно за Македонците со бугарски пасоши.