МДС СО ОТВОРЕНO ПИСМО ДО ОСМАНИ: ПОГОЛЕМ БРОЈ ДИПЛОМАТИ ЖИВЕАТ НА КРЕДИТИ, САМО ПРИВИЛЕГИРАНИТЕ ДОБИВААТ ДНЕВНИЦИ

Македонскиот дипломатски синдикат (МДС) денеска, преку медиумите, упати отворено писмо до министерот за надворешни работи Бујар Османи во кое меѓу другото го прашуваат кога ќе седна да разговара за покачување на платите на вработените и за исплатата на К-15 за 2022 година. Според синдикатот однесување на министерот Османи не е ниту чесно, ниту одговорно, ниту професионално.

Од Македонскиот дипломатски синдикат тврдат дека со платите не можат да излезат до крај на месецот, дека поголем број дипломати се заглавени со кредити до гуша и дека само мал број привилегирани учествуваат во работата на министерството кои со дневниците од службените патувања успева некако да го истера месецот.

„Дали некогаш сте ја употребиле моќта што ја имате како министер и пред Владата да проговорите за животниот стандард на дипломатите? Дали некогаш сте ги информирале своите колеги во Владата дека нето просечната плата во МНР која изнесува 27.000 денари, според Државниот завод за статистика е поблиску до платите во дрвната, текстилната и индустријата на преработување кожа, отколку до просечната плата во државата која што изнесува 31.800 денари? Дали сте свесни дека касиерките во супермаркетите имаат поголема од просечната плата на дипломатите? Дали сте свесни дека платите на интелектуалниот пазар на трудот се мислена именка за дипломатите? Дали сте ги погледнале августовските податоци на Државниот завод за статистика за најголемите плати во државата? Како очекувате да имате макар и просечна дипломатија со потпросечни примања? Зарем навистина трудот на дипломатските работници до толку (не) е ценет во државата?”, му пишуваат членовите на МДС на министерот Османи.