Мизрахи оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клемнес Која
Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи оствари работна средба со Амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На средбата беше разговарано за заедничките цели на Мисијата на ОБСЕ и Министерството за труд и социјална политика како што е градење на капацитетите, посебно во одредени ранливи сфери на општеството како што е трговијата со луѓе, поддршка на проекти кои поттикнуваат социјално вклучување на лицата, поддршка за антидискриминаторните механизми, како и поддршка за подобрување на механизмите за родова еднаквост, доброто владеење и сл.
Двете страни се согласија дека од огромна важност е подобрувањето на севкупната состојба во општеството со цел да се направи посоцијално и похумано, особено поради тоа што Министерството за труд и социјална политика е институција која под своја надлежност ја има грижата за сите категории на граѓани, почнувајќи од заштитата на децата, преку политиките за вработување, па сè до грижата за највозрасната категорија во државава – пензионерите и старите лица.
Во таа насока, министерката Мизрахи и амбасадорот Која се согласија дека добро востановената соработка помеѓу Мисијата на ОБСЕ и Министерството за труд и социјална политика, која е во насока на заштита на граѓаните и нивните социјално економски права, треба да продолжи во иднина.
Извор: МТСП