Правда

Мизрахи: 11 514 нерешени барања за надоместок за помош и нега од друго лице

   Време за читање 2 минути

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи на конференција за медиумите објави дека според податоците добиени од центрите за социјални работи во моментов има поднесени и нерешени 11.514 барања за надоместок за помош и нега од друго лице.

„Од 8500 барања за периодот јуни-октомври 2019 година, до 8.1.2020 година до 16 часот, решени се само 1589 барања за надоместок за помош и нега од друго лице. Во меѓувреме поднесени се 4603 нови барања, кои воопшто не се во процедура на решавање, а причината сѐ уште не е позната. Што значи, во оваа држава, во овој момент, има 11 514 нерешени барања за надоместок за помош и нега од друго лице. Напоменуваме дека дел од комисиите, до денес, немаат отпочнато ниту со решавање на истите. Ова говори дека Владата и Министерството претходно проблемите на граѓаните ги ставале под тепих. Тоа е недозволиво. Семејствата чекаат помош, а не ја добиваат”, рече министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

Таа нагласи дека на ваков начин се пробиени сите рокови предвидени со закон. Имено, Законот за социјална заштита детално ја разработува постапката за остварување на правото, условите, потребната документација, како и роковите од поднесување на барање до донесување на првостепен управен акт. Исто така, и Законот за општа управна постапка ги предвидел роковите за решавање и согласно нив сите наводи водат до тоа дека сите рокови се пробиени.

„Ова не е прашање на политика туку прашање на егзистенција и помош на луѓето на кои им треба нега. Нападите врз мене и мојот личен интегритет, само ќе ме охрабрат дополнително да се борам за она што сум дојдена, а тоа е безусловно решавање на секој проблем што го имаат граѓаните на мојата држава. Нема да престанам се додека ова Министерство не стане сервис на граѓаните. Отворено, транспарентно, со целосно почитување на законите”, потенцираше министерката Мизрахи.

Извор: МТСП