М-НАВ вработува советник за односи со јавност без искуство, за плата од 46.000 денари

М-НАВ А.Д. – Скопје вработува советник за односи со јавност, за плата од 46.272 денари, без работно искуство.

Имено, во огласот објавен во дневните весници, се вели дека за Советник за односи со јавност се бара лице со високо образование од областа на општествените науки, без работно искуство, со општи работни компетенции, стратешка свест, познавање на англиски јазик, компјутерски програми за канцелариско работење.

За платата од 46,272 денари од него се бара да работи 40 часа неделно, од понеделник до петок, од 7.30 до 15.30 часот.

За да конкурира за ова работно место треба да достави кратка биографија, извод од матичната книга на родените, уверение за државјанство, потврда од казнена евиденција, потврда дека не му е изречена забрана за вршење должност, доказ за завршено образование, лекарско уверение, и сертификати за англиски и компјутери. Огласот трае три дена без денот на објава.

Како кандидатите ќе ги соберат потребните документи не може да се претпостави, ако се знае дека само судските документи се издаваат за не помалку од една недела (често и повеќе).

По скандалот што го тресе М-НАВ во последните денови, кога требаше да се поништи конкурс за контролори на летање, ако нема „наши деца“, на што реагираа контролорите и Синдикатот, а подоцна и сите државни органи, на виделина излегоа и високите плати кои се земаат во оваа агенција, што и не е спорно во однос на одговорноста која ја имаат.

Плата од 46 илјади денари изгледа примамливо за сите во земјава, па не е исклучено на огласот да посакаат да се јават стотици кандидати, но колкумина ќе го поминат филтерот и кој на крај ќе ја извршува функцијата останува да се види.