Колумни

Народот мора да покаже отпор кон политичките поделби и да го отфрли говорот на омраза

Народот - Работник
305views

Текстот којшто следува нема врска со работничките права или со работниците, туку со сите луѓе, граѓани на оваа држава чиешто его се задоволува преку говорот на омраза и ширење на негативни коментари за одредени личности. Се мислев дали воопшто да пишувам на оваа тема, со оглед на тоа дека многумина интелектуалци постојано пишуваат, зборуваат и дебатираат за оваа проблематика, но решив дека и јас треба да се вклучам во оваа девијантна појава која за жал е одраз на нашето општество.

Меѓуетничката и меѓу – партиската поделба помеѓу луѓето никако да се намали. Но, како ќе се намали кога клучните актери коишто треба да иницираат да се намалат овие поделби, повеќе ги продлабочуваат. Поради овие поделби, всушност е и говорот на омраза којшто секојдневно го читаме по социјалните мрежи, но и по некои „медиуми“ коишто преку сензационализам (преувеличување на некој настан) се обидуваат да добијат повеќе кликови. За жал такви „медиуми“ ги има во голем дел, а за истите не постојат никакви податоци за сопственост во Централниот регистар, ниту пак имаат импресум (кои луѓе стојат зад тој „медиум“). Проблематиката со „медиумите“ ќе ја оставам за во некоја следна колумна.

Поделбите веќе ги споменав, но не нагласив дека народот во Македонија е најмногу поделен партиски, а таа поделба не е од сега, туку од многу одамна. За тоа се виновни самите партии, поради тоа што не повикуваат на единство помеѓу народот. Тие толку го политизираа народот што наместо воздух дишат политика, јадат политика, сонуваат политика додека спијат. За ова верувам дека ќе се согласат многу луѓе.

Од што е толку навлезена политиката во сржта на ова општество, за одредени луѓе не постои неутрален, туку мора да е или од едната или од другата политичка опција (зборувам за двете најголеми политички партии од македонскиот блок. Доколку некој ги критикува овие две политички партии, тогаш тој е за некоја друга политичка партија, а човекот можеби е неутрален. Имено, бројот на луѓе кои се неутрални се повеќе се зголемува, што лично за мене е добар знак, бидејќи на тој начин покажуваат отпор кон двете најголеми политички партии, па поради тоа тие ќе треба многу повеќе да се покажат.

Граѓаните на Македонија мора да сфатат дека партиската поделба нема да донесе ништо добро и дека единствено ќе го влоши во Македонија којшто и онака веќе е доста лош за одредени луѓе. Мораме да покажаме поголема сплотеност, но и да го исфрлиме говорот на омраза, а секој оној кој ќе шири ваков говор, да биде санкциониран согласно законските одредби коишто ја покриваат оваа девијантна појава. Имаме сеуште шанси да го отстраниме менталитетот којшто сега владее со нас и да оформиме менталитет со кој ние ќе владееме и кој ќе биде за наша благосостојба и подобар живот.

На политичките партии и останува да ја подигаат свеста во насока на единство, а не поделби којшто ги прават за дневно – политички поени. Доколку не го прават ова, народот мора да покаже отпор кон нив и со тоа да им докаже дека треба да го сменат својот начин на делување. Велат дека треба да се реформира државата. Се согласувам, но и нагласувам дека треба да се реформираат и политичките партии. Кога велам да се реформираат не велам со кадри, туку да го реформираат својот менталитет.  

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на Порталот Работник. 

Бобан Илијевски