- Advertisement -
НовостиПравдаСветот на работникот

Најголемиот број на откази дадени на работнички на определено време – меѓу нив има и самохрани мајки

Договорите за работа- Работник
3.66Kviews

Голем дел од работниците во ниско платените индустрии, како што се текстилната, кожарската и чевларската индустрија се оставени без работа поради Ковид – 19.

Имено според истражувањето на здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), бројот на невработени во текстилната индустрија достигнал до 7,000 невработени. Во истражувањето се вели дека речиси во сите општини бројот на нови невработени лица по основ на одјавување од задолжително социјално осигурување кои доаѓаат од текстилната индустрија се зголемува. Петте општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово каде што впрочем имам и најголем број на текстилни компании.

Понатаму, во истражувањето на ЗМАИ стои дека најчеста основа за прекинување на работниот однос во текстилната индустрија, во последните 5 години е истекот на определено време. Во 2020 година овој основ бележи раст од 123 %. Во овој период најголем раст за раскинување на договорот за вработување е присутен кај основот отказ на работодавачот и истиот изнесува 174%.

Порталот Работник веќе го објави ова истражување, но во контекст на информациите коишто следуваат, Редакцијата сметаше дека треба повторно да се спомне истото.

Имено, вчера во Редакцијата се јавија поранешни работнички од една текстилна фабрика во Југоисточниот регион на Македонија (нема да откриеме подетални информации, додека не ги потврдиме истите) коишто рекоа дека од 60 до 70 работници добиле откази без никакво образложение. Работодавачот им поделил само листови на кои било наведено дека нивниот работен однос престанува поради истекот на договорот на определено време. Во фабриката имало вработено 250 работници.

Колку за појаснување, сегашното раководство на фабриката ја презело истата од претходното раководство. Во времето на претходното раководство, вработените биле на договори на неопределено работно време, но со доаѓањето на новото раководство, вработените потпишале повторно договори, но овој пат на определено.

Во очите на законите, работодавачот постапил легитимно, бидејќи тој има легитимно право да не ги продолжи договорите. Помеѓу отпуштените работници, има и самохрани мајки. Порталот Работник вчера разговараше со една поранешна вработена која е самохрана мајка. Таа вели дека откако останала без работа нема никакви примања и дека го изгубила правото на здравствено осигурување, а бидејќи и нејзиното дете било осигурено преку неа, автоматски и тоа останало без здравствено осигурување. Таа не е единствената самохрана мајка во фабриката која го загубила работното место.

И претседателката на Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева, пред некој ден преку фејсбук статус реагираше за отпуштањата на работниците, нагласувајќи дека во југоисточниот дел на државата многу почесто има отпуштања од работа.

„Откази поради кршење на ред и дисциплина, спогодбени откази, трансформација од неопределено на определено… Јас не знам како спијат навечер. Не знам како можат така да ги злоупотребат луѓето кои им го створиле профитот, зимувањата, летувањата, викендиците, вилите, куќи , станови, луксузи. Не знам како можат да го направат тоа на жени, самохрани мајки, жени пред пензија. Притоа и помош добиваа. Капиталот им стои нечепнат, створен од потта на тие жени. За сега да ги исфрлат на улица, без никакви права, лажејќи ги дека за нивно добро ги потпишуваат тие документи.

Да, криза е. За сите. За цел свет. Но овие работнички повеќе од 2 децении работеа за мизирни 6, 7, 8 илјади денара. Последниве 3 години добија законски минималец. Исто мал недоволен за основни потреби. До толку не вредеа да чепнете од ковчежето каде ги крчкате девизите спремни за следните 5 генерации?

Како спиете бе? Како можете? Нели ви е срам? Како ги гледате во очи знаејќи дека џипот ви е од нив, куќата, а они ви работеле за мизерни пари и сега ги исфрлете без никаква совест, чувство некое, одговорност, милост? Без срам?

Не знам. Се повеќе болно е да се работи оваа моја работа. Се повеќе мислам да се тргнам, откажам, да не слушам и не гледам.

Ама викам бар намалуваме штети. 1 работно место да спасам денес, една плата неправедно неисплатена да ја добијам за една работничка, работник, се е плус. Успех, минимален. Не доволен, секако.

Секоја чест на оние работодавачи кои беа човечни, прави менаџери, со совест во цел овој период.

Останатите, се надевам, еден ден ќе ве сретне правдата. Каква и да е. Да ве сретне. Да ви текне дека е од оние кои ги сметавте за потрошна роба. Оние поради кој го имате тој статус, луксузи. И да се сетите на овој период“, напиша Ампева на нејзиниот фејсбук профил.

Редакција на портал Работник