Неколку совети за тоа како да ја започнете посакуваната кариера

Автор: Бобан Илијевски

Сите ние уште како деца сме имале сон да работиме нешто кога ќе пораснеме. Некој сакал да биде адвокат, некој доктор, а некој уметник, пејач или актер. Но, како што растеме осознаваме дали нашата кариера од соништата може да стане реалност. Во најголем дел од случаите може, но за да се случи тоа потребно е да вложиме труд, пред се, во самите себе – да стекнеме вештини и знаења коишто би можеле да ни помогнат да ја започнеме посакуваната кариера. 

Читајќи разни веб страни и блогови од областа на кариерата, можев да забележам дека сите тие даваат еден ист совет, а тоа е да бидеме реални, односно да си поставиме цели кои навистина можеме да ги оствариме. На пример доколку сакаме да започнеме кариера во маркетинг, треба да земеме во предвид дали имаме доволно вештини и знаења за да работиме во оваа сфера? Дали треба да се доквалификуваме преку курсеви, обуки, работилници или преку читање на материјали кои можат да ни помогнат да се стекнеме со знаење. Дали треба одреден период да вежбаме за да станеме подобри во сферата? Потребно е сите овие прашања да се имаат во предвид, пред да започнеме да планираме како да ја стартуваме посакуваната кариера. 

Уште еден совет којшто често може да се најде на специјалните веб страни и блогови за кариера е тоа дека за да ја започнеме кариерата од нашите соништа, не треба да сме од оние луѓе коишто сметаат дека само лидерите се родени да бидат лидери, туку нашиот мајндсет или размислување да биде насочено кон тоа дека можеме да оствариме се што сакаме. 

Важно е да веруваме во себе

Недовербата во самите себе нема да не однесе далеку, напротив ќе не врати многу скалила наназад. За да успееме да го оствариме било кој сон, мораме да веруваме дека можеме да го направиме тоа. Исто така, треба да се одлучиме дали навистина сакаме да го оствариме тоа што го мислиме, бидејќи доколку само „површно“ сакаме да ја оствариме нашата цел, тогаш нема никогаш таа да стане реалност. 

Проактивноста е од пресудна важност

За да ја започнеме кариерата којашто отсекогаш сме сакале да ја имаме, од големо значење е постојано да бараме начини како да дојдеме до неа или да бидеме проактивни и самоиницијативни. Ние можеме на некој наш близок пријател да му побараме помош, на пример, доколку види некој оглас за работата којашто ја бараме да ни го прати или слично, но на крајот од денот, ние самите мораме да трагаме и бараме можности, бидејќи никој не се грижи повеќе за нас, колку што се грижиме ние самите. 

Шесте P’s 

Еден совет којшто исто така може да биде од голема помош, е да ги практикуваме шесте P’s (Persistence, Practice, Patience, Pursuit, Perseverance и Passion). Овие шест поими означуваат: упорност, пракса, трпение, потрага и истрајност. Преку истите, можеме да изградиме наша  стратегија за тоа како ќе дојдеме до посакуваната кариера, но исто така може и да послужат во зголемувањето на нашата мотивација за да стигнеме до целта. 

Трпеливоста да биде најистакната особнина 

Однапред треба да знаете дека ништо не може да се случи преку ноќ, па поради тоа морате да бидете трпеливи. Резултатот ќе дојде, но потребно е време. Поради тоа, најдобро е да си поставите краткорочни и долгорочни цели кои ќе ве однесат до вашата крајна цел. На пример: ќе постигнам тоа и тоа за еден или три месеци (краткорочна цел) или ќе го постигнам тоа и тоа за една, три или пет години (долгорочна цел). Поставувањето на овие цели ќе ви помогне да останете мотивирани и истрајни за остварување на вашиот план. 

Опкружете се со позитивни пријатели

Експертите од областа на кариерата советуваат да ги избегнуваме луѓето коишто ни ја трошат енергијата за нешта коишто воопшто не се продуктивни. Нивната препорака е да се опкружиме со позитивни луѓе кои ќе бидат наша дополнителна мотивација за да започнеме да го работиме она што го сакаме. 

Постојат уште многу совети за тоа како да се започне кариера од соништата, но сума сумарум, речиси сите се сведуваат на горенаведеното. Најважно од се е да бидете реални кон себе и да ги знаете вашите потенцијали и ограничувања, коишто би можеле да ги надополните.