Нема изгледи за зголемување на минималната плата пред изборите
Нема договор за минималец од 500 евра и покрај тоа што се очекуваше дека пред локалните избори ќе има зголемување на минималната плата како што бараа синдикатите. Редно време е да почнеме да зборуваме за плата за живот, а не само за покачување на минималната плата, порачува Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“.
Но, Владата и работодавачите сметаат дека сега не е моментот. Од Владата остануваат на ставот дека за зголемување на минималната плата мора да се земат предвид и други параметри и да не се дозволи зголемување на инфлацијата. Работодавачите, пак, велат дека малите и средни претпријатија нема да го издржат зголемувањето на минималните плати.
А граѓаните пак велат дека се приморани да преживуваат и да сврзуваат крај со крај.
Македонија останува на дното во регионот по минималната и просечната плата и друштво и прави единствено Албанија, која има пониска минимална плата од нашата. Во регионот, од следната година во Србија минималецот ќе скокне на 550 евра, Црна Гора води во однос на најниските вкупни придонеси, а Словенија останува на врвот со највисока минимална плата.