- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Нема интерес кај невработените да се преквалификуваат за потребите на стопанството

Недела - неработен ден - Работник
650views

Според најновиот извештај на Европската комисија, 80 % од невработените ги немаат потребните вештини потребни на стопанството

Расчекорот на понудата и побарувачката на работна сила беше, е и ќе биде најголемиот проблем на нашата држава во иднина, вели Претседателот на Организацијата на Работодавачи на Македонија Ангел Димитров на прашањето на порталот Работник што треба да се направи за да оние коишто се невработени да се пренесочат кон потребите на стопанството. 

„Не требаше Европската комисија да ни констатира дека 80% од невработените не се заинтересирани за работните места кои им се нудат. И што е уште по страшно не прифаќаат преквалификации и обуки за работни места кои не им се интересни“, вели Димитров. 

Според него, овој проблем е многу поголем и треба да се гледа од два аспекта.

Како што вели, првиот аспект се состојбите во образованието и кариерното насочување на младите, а вториот е неповолната структура на стопанството каде се доминантни гранки со ниска додадена вредност кои не можат да исплаќаат поголеми плати.

Фото: Pixbay

Затоа, вели, борбата со овој проблем треба да се води истовремено на двата фронта. Да се насочуваат младите уште од основно училиште да се запишуваат на средни училишта кои одговараат на нивните способности и афинитети, а не да запишуваат училиште за струка во која воопшто не се гледаат себеси во иднина.

Истакна дека треба да се зајакнат критериумите за оценување во основните и средните училишта и за упис на факултетет, а дипломите мора да гарантираат одредено ниво на знаење.

Вели дека не треба да се дозволи ученици со многу ниско ниво на знаење да се запишуваат на државни факултети, бидејки таквите инвестиции се однапред залудно потрошени.

Вториот фронт, како што вели е промена на структурата на стопанството од ниско продуктивни гранки во по пропулзивни дејности кои ќе имаат поголема додатна вредност и ќе може да исплаќаат повисоки плати.

„И во оваа битка располагаме со многу малку ресурси. За високо-технолошки дејности се потребни високо квалификувани работници кои ги немаме, и е потребно капитал за вложување во современа опрема и технологија. Бидејќи Македонија издвојува за наука 10 до 20 пати помалку од развиените земји, јасно е дека не можеме сами да креираме нови технологии, туку е потребно да ги купуваме од надвор“, вели Димитров. 

Порача дека во стратегијата за борба на овие два фронта треба да бидеме реални во согледување на состојбите и свесни дека состојбите не може да се променат преку ноќ. Како држава да не се однесуваме исто како што се однесуваат младите луѓе да ги гледааат развиените западни земји и да си замислуваат дека живеат во земја која има БДП 30.000 долари по жител. Треба да сме реални и трпеливи и чекор по чекор на среден рок да се доближимке до нив. 

Од Стопанската Комора на Македонија рекоа дека потребно е најбрзо што може да се направи долгорочна национална стратегија за економски развој, која ќе овозможи зголемување на економскиот раст на земјата и сосема нова концепција на разбирање на образованието. Концепција која ќе се преточи во стратегија, во која образованието ќе биде врвен приоритет во државата и во која ќе се направат идните планирања за доброто на општеството и на економијата. Тоа значи:

  1. зголемени финансиски вложувања во образованието, особено во стручното образование;
  2. хармонизација на законодавството во образовната политика;
  3. флексибилно образование, кое ќе ги следи потребите на стопанството и кое ќе испорачува квалификации според барањата на работодавците;
  4. зајакната соработка и активност меѓу образовните институции и бизнис-секторот;
  5. измена на уписната политика и на атрактивноста на стручното образование;
  6. обучени наставници по практична настава и квалитетна практична обука во компаниите;
  7. олеснети процедури за осигурување на квалитетот;
  8. рационализација и соодветна реалокација на мрежата на стручни училишта, според потребите на компаниите на локално и на регионално ниво и
  9. најитно воспоставување на моделот за кариерно советување во основното образование.
Фото: Pixbay

Од Комората велат дека во насока на стекнување и на унапредување на стручните вештини за потребите на стопанството, без разлика на местото и на годините, важен сегмент се процесите на преквалификација и доквалификација преку неформалното образование.

„Тоа значи посета на брзи и кратки курсеви преку дизајнирани програми за обука според потребите и специфичностите на секторите и на компаниите. Во таа насока, важна е соработката на Стопанската комора на Македонија со Агенцијата за вработување при подготовката на оперативниот план за вработување, во кој се земаат предвид анализите што ги прави Комората за предвидувањата на обуките за вештините и занимањата за потребите на стопанството“, велат од Комората. 

Што е со падот на продуктивноста?

Во однос на падот на продуктивноста на работниците, Димитров смета дека е поврзан со последиците од пандемијата.

„Тие беа и се многу разновидни и се разликуваат од сектор до сектор, но и од компанија до компанија. Најпрвин имаше голема отсутност и кај компаниите кои имаа обезбедено работа. Заради болеста, изолација, чување на деца, хронично болни, лажни боледувања и т.н. се изгубија голем број на работни часови. Ова директно влијаеше на намалување на продуктивноста. Не доаѓањето на еден обучен работник, мора да се замени со два или три други работници и ова негативно влијаеше на целокупниот работен процес“, вели Димитров. 

Според него, многу ланци на снабдување во почетокот беа прекинати, многу купувачи ја повлекоа стоката од малопродажбата и ги наполнија магацините и ова влијаело на намалувањето на побарувачката за наши стоки и услуги.

Истакна дека насекаде во светот луѓето се плашат за иднината и не се одлучуваат да купуваат производи и стоки.

Посочи дека краткорочни решенија не постојат, Владата треба да се обиде да ги надоместува изгубените работни часови на компаниите кои не добиле никаква финансиска помош.

Како примери ги зеде хотелите кои преку летото ангажирале вработени на определено работно време и кои сега не може да добијат помош поради падот на бројот на работниците, а некои од нив се комплетно затворени.

„Битно е да го одржиме стопанството во каква таква кондиција за да може после кризата да закрепнува. Овој период може да се искористи и за набавка на современа опрема за подобрување на продуктивноста, но без стимулации од државата во овој период малку компании се спремни да донесат одлука за нови инвестиции“, заклучи Димитров.

Од Стопанската Комора велат дека падот на продуктивноста се должи на фактот што падот на обемот на производството е релативно поголем од падот на вработеноста.

Имено, како што велат, во третиот квартал од 2019 година вработени се 546 лица, кои „произвеле“ 176.797 милиони денари домашен бруто-производ, додека во истиот квартал од 2020 година, во согласност со анкетата за работната сила, вработени се 785.561, кои „произвеле“ 143.918 милиони денари.

„Ова се должи на тоа што на крајот на 2019 година и во тековнава година се преземаа различни административни мерки и условена помош од државата, кои претставуваа обврски за компаниите да ги задржат вработените на работа одреден период, со што се спречи поостар пад на вработеноста. За да се намали падот на продуктивноста на трудот, неопходно е да се зголеми обемот на производство, што, во суштина, првенствено е условено од екстерната побарувачка на домашните производи (но и на домашната побарувачка)“, велат од Комората. 

Како падот на БДП -то ќе се одрази на пазарот на трудот?

За тоа како падот на Бруто домашниот производ ќе се одрази врз пазарот на трудот, Димитров вели дека падот на БДП -то е огледало на состојбите во економијата и тој е последица, а не причина за состојбите.

Според него, ваквиот пад може негативно да влијае на идната потрошувачка и инвестициите, што ќе ја предизвика таа негативна спирала што ќе не влече надолу.

„Современите држави ваквите падови на економијата ги решавале со зголемени инвестиции особено во инфраструктурата кои ги финансирала државата и ги стимулирале приватните инвеститори да вложуваат во опрема и развој. Но за жал оваа криза е предизвикана од екстерни фактори, како што е КОВИД пандемијата, која носи многу неизвесности и негативно влијае на идните очекувања и храброста на инвеститорите“, вели Димитров. 

Неговиот став е и мерките за ублажување на кризата најпрво да се насочат во справување со здравствената криза и надминување на истата, а истовремено да се помага стопанството тоа да се одржи, за да, како што вели, можеме после завршувањето на пандемијата да почнеме да го „билдаме“ растот.

Фото: Pixbay

Порачува дека затоа е многу важно да се спасат што повеќе компании и работни места, во спротивно заживувањето ќе оди многу по споро.

Стопанската комора смета дека падот на домашниот бруто-производ ќе има свој одраз врз пазарот на трудот.

„По падот од 12,7 % во второто тримесечје, пад од 3,3 % е забележан во третото тримесечје од 2020 година. Кога се произведува помалку, се намалува и потребата од факторите на производство, а, секако, трудот е еден од тие фактори“, велат од Комората. 

Од таму истакнаа дека потенцијалните решенија не се поврзани со административни мерки (како на пример субвенционирање на дел од платите за вработените), кои значат решение на многу кус рок, туку со мерки за поддршка на конкурентноста на македонските претпријатија.

Стопанската комора на Македонија во континуитет ја истакнува потребата од активности кои ќе се фокусираат кон поддршка на инвестициите и кон конкурентноста на домашните компании, рекоа од Комората. 

Бобан Илијевски