Не можете да очекувате да добиете повеќе, без да инвестирате во себе – Лекција која ја научив на тежок начин
Автор: Бобан Илијевски
Во време кога работниците, помлади и постари, имаат толку многу опции за вработување, работодавачите треба да се запрашаат колку го вреднуваат трудот на своите вработени. Да ги преиспитаат и политиките коишто ги применуваат за да увидат колку нивните компании се привлечни за талентираните кандидати кои чекаат вработување на пазарот на труд, но и колку се привлечни и за нивните вработени кои можат да ги изгубат во секој момент. Но и работниците треба да се запрашаат дали е време да ги унапредат своите вештини и знаења за да можат да бидат поконкурентни на пазарот на труд, а со тоа да успеат да најдат подобро платени работни места.
Луѓето кои поседуваат знаења и вештини потребни на компаниите, секогаш ќе имаат предност пред оние кои не ги поседуваат. И ова е добро познат факт. Затоа од голема важност е, без разлика на возраста и образовната позадина, да се работи на унапредување на вештините и знаењата. Ова го имам напишано неколку пати досега, но ќе продолжам да го пишувам и понатаму, најмногу поради тоа што добивам коментари дека воопшто не е лесно човек да се вработи во државава.
Да бидеме реални, на почетокот не е лесно, бидејќи тогаш немаме ниту некое работно искуство, ниту вештини. Сепак, како што ги стекнуваме вештините со текот на времето толку повеќе ни се зголемуваат шансите да се вработиме.
Има многу луѓе од Македонија кои до пред некое време работеле стандардна работа, за да потоа се пренасочат на работа на далечина и сега работат за странски компании од својот дом и воедно земаат добри плати.
Јас лично познавам човек кој сам научил да дизајнира апликации и програми. Тоа што самиот инвестирал во своите вештини и знаења му овозможило да работи за некој човек од Швајцарија, а потоа и работел за една софтверска компанија во Скопје. Човекот се потрудил и сам научил. Станал конкурентен. Сега живее и работи во Полска.
Ако не се решиш да научиш нешто што ќе ти послужи да заработуваш, тогаш немаш право да се жалиш.
Пред неколку години и јас бев тип на човек што постојано се жали дека нема работа, но откако увидов дека од жалењето нема да добијам ништо освен стагнација, решив да пуштам мејлови до поголем број на агенции за односи со јавноста и медиуми. Дури и неколку месеци без пари работев во еден локален медиум за да го „испечам занаетот“.
Да не ме сфатите погрешно, не велам дека и вие дека треба да работите без пари, како што јас работев, сакам само да ви дадам личен пример.
Јас сум човек кој веќе подолг период се залага за унапредување на работничките права, но сметам и дека треба да се инвестира во своите вештини и знаења и да се биде отворен за континуирано учење ако се сака да се направи нешто повеќе за себе.
Пред некој ден прочитав еден коментар за тоа дека, парафразирам, да дале по 18,000 денари социјално за да не работиме ќе биде најубаво. Воопшто не се согласувам со овој коментар. Знам дека има многумина кои размислуваат исто како и лицето кое го напишало коментарот, но со такво размислување нема да стигнеме далеку.
Сите држави на овој свет, вклучително и нашата, се изградени благодарение на вредните луѓе, а не оние кои се работоспособни а сакаат да лежат дома и да земаат 18,000 денари социјално или оние кои седат дома, а земаат плата. Извинете, но така не функционираат работите.
Извинете ако некому газам по нерви, јас сум само брутално искрен.

