Огромен интерес за свадби
Голем интерес за свадби по најавите дека од следниот месец е можно да почнат со работа рестораните за прослави. Сопствениците на овие објекти велат дека дневно во просек имаат околу 40тина резервации, што според нив е солидна бројка. Дел се презакажани свадби од лани, дел нови резервации.
Се надеваат дека Комисијата за заразни болести, ќе ги прифати нивните предлози за тоа како би требало да изгледа една свадба, а сепак да бидат запазени мерките за заштита.
Од туристичко-угостителската комора при ССК очекуваат ако следниот месец се дозволат прослави, што поскоро да добијат протоколи за да ги подготват објектите.
Пред два дена и министерот Филипче посочи дека ако продолжи падот на бројката на заразени, од јуни се размислува да се дозволат свадби на отворено и со протоколи. Рестораните за прослави една година се под клуч, од самиот почеток на пандемијата.

