Од 1 март започнува „просветлувањето“ на таканаречните „газди“
Автор: Бобан Илијевски
Македонскиот народ е огорчен и одмна не знае што е вистинска среќа. Ова се познава по изразите на луѓето додека одат по тротоар, додека пазаруваат, додека работат, па дури и кога ќе се случи нешто убаво. Кога на родители ќе им се роди дете, среќата кратко им трае заради помислата на тоа дека ќе им бидат потребни многу пари за намирници околу детото, а во многу случаи и двајцата работат за минималец. До душа, сега минималецот се зголеми, па семејствата можат плус некој денар повеќе да заработат, но сепак недоволно за да може да си дозволат пристоен живот. Повеќе од половина од платите ќе ги дадат само за сметки и за храна и ќе го преседат месецот дома, бидејќи немаат пари за да излезат на вечера поради големите цени наспорти малите плати. Тоа е најголемиот проблем, што парите не вредат. Земи петсто денари со себе и појди во маркет, види колку намирници можеш да купиш со тие пари, тоа ќе ти каже се. За облеката, пак да не зборуваме. Цените до плафон, а таа е основна човекова потреба. За среќа имаме продавници како Вајкики, па од таму можеме да го подновиме нашиот гардаробер, каде што стои облека стара по пет и повеќе години.
Татко ми ми вели: „синко ние во време на Југославија со една 5 илјадарка титовка, јадевме и пиевме до смрт и уште пари ни остануваа, не можевме да ги дотрошиме“. А, ние младите сега не ни можеме да си дозволиме да одиме во кафеана. Велат, а реално и јас така велев, кафулињата биле полни, народот има пари. Добро, ама сепак кафето не е некој голем луксуз, можеме да си го дозволиме. Поентата ми е дека не можеме да седнеме лабаво во кафеана и да не се стегаме држајќи се за џебот и внимаваме да пресметаме однапред колку ќе изнесува нашата вкупна сметка. Човече, излегуваш со девојка на кафе, се молиш да нарача еспресо или макијато, поради што ти имаш изброени пари за две кафиња. Ако нарача нескафе, си се зезнал ќе немаш да платиш. И потоа и младите деца имале стресови, па ќе имаат кога не можат да уживаат во младите години, како што уживале нивните татковци и дедовци.
Најголемиот број од населението живее од минимална плата, а некои земаат и помалку од законски пропишаната минимална плата. Голем дел од тие коишто не се вработени земаат социјална помош којашто се сомневам дека им стигнува да ги подимират сите сметки и да купат храна за цел месец, а не да трошат пари на забава и рекреација. Слушам дека тие од владината фотеља велат дека не сакале младите да работат. Да, во право се и во потполност се согласувам со ова и сметам дека секој треба да работи бидејќи така се почнува. И јас имам работено за 400 денари дневница од 10 наутро до 4 наутро, имам работено и за плата од 12,000 денари, додека на мојата мајка и ја сопираа речиси целата пензија поради кредити кои ги зедовме за да го завршам факулетот. Само дел од пензијата на мојот татко и мојата плата од 12,000 денари беа единствени приходи со кои закрпувавме по некоја дупка. Работев и кај работодавач кој мене и на мојот другар ни обезбеди сместување, за кое претходно се договоривме дека ќе биде подмирено од неговата страна, заедно со струјата, водата и останатите сметки, за да на крајот ни скрати од платите. Е, такава ти е Македонија. Најголем дел од тие средни и микро компании гледаат само што е можно повеќе да те искористат и за возврат на твојот труд да ти дадат најмалку што можат за да повеќе остане за нив (да не бидам погрешно разбран не сите работодавачи се исти, и тоа го знам од лично искуство).
Епа сега почитувани мои робовладетели, тие работниците коишто за толку малку плата работеле кај вас, а покрај тоа сигурно биле изложувани и на разни мобинзи, притисоци, ако не и навреди молете се да не се квалификувани, бидејќи доколку се, ви киднаа за Германија. Таму можеби ќе работат преку цел ден и нема да може да излезгуваат во град, но ќе заработат тродупло повеќе него што ќе заработат тука. Немојте да мислите дека само вас ве правам виновни. Во ниеден случај. Најголемата вина лежи во Владата.Тие ви дадоа одврзани раце и ви дозволија да правите што сакате. Но, како и да е, мислам дека дополнителна лекција ќе научите од 1 март, кога ќе бидете принудени самите да застанете зад каса и да наплатувате, да застанете зад скара и да вртите плескавици, да земете лопата и да кревате камења и така натаму. А, нема да можете да постигнете, па убаво ќе ставите клуч на брава и ќе ја прекорувате државата, истата таа што ви даде одврзани раце. Тоа ве чека, почитувани мои, па размислите повторно, преиспитајте се и замислете што би било кога би немале кој да работи и да ви прави профит, додека вие комфорно седите и си поигрувате со нечиј живот и иднина.
И за на крај, сакам да споделам нешто што ми го кажа еден човек додека работев во една сендвичара – „Немаше никогаш да увидам колку му е тешко на работникот, ако не почнев и јас да работам со него“.
Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник