Партиите се препукуваат, а народот страда и згора на тоа се расправа поради нив

Политичките партии си тераат свои агенди, а народот страда. Поплави, непотизам, партиски вработувања и поделба на народот.

I: Од кога знам за себе, политичките партии постојано се препукуваат меѓусебно, а на сметка на тоа страда обичниот народ. Ќе дојде една политичка партија на власт и наместо да реши одреден проблем, ја обвинува претходната, а народот поделен постојано се кавга меѓу себе тонејќи во бездната ископана од истите политички партии поради кои e поделен  и искаран.

Инаку, ова го пишувам инспириран од денешните случувања со невремето, кое уште еднаш покажа, по не знам кој пат дека не е нешто во ред со инфраструктурата во градот. И наместо да се реши проблемот, продолжуваат препукувањата. Властодршци (сегашни и идни, џабе да зборувам на минати), дајте веќе еднаш започнете сериозно да се бавите со проблемите, бидејќи срамота е комбе на Итна медицинска помош да заглави во поплавена улица во 21 век. Аман веќе, сфатете ја работава сериозно. Доста веќе правите поделба помеѓу народот. Кој ви е планот?? На пат сте да останете без народ, а со тоа и без пари во буџетот, бидејќи парите кои ви се во државна каса ви се од даночните обврзници, т.е. народот.

II: Во државните институции, особено во тие каде што се исплаќаат поголеми плати врие од вработени роднини, пријатели, кумови и старосвати на сегашни и минати функционери. Платите коишто им се исплаќаат се од наши пари, а мене никој не ме прашал дали сакам данокот којшто го плаќам да биде дел од платата на кумашинката на некој сегашен или поранешен министер. Јас сакам моиете пари да бидат вложени во развој на приватниот сектор. Дајте веќе еднаш направете го патот Кичево – Охрид. Патната инфраструктура потребна им е на граѓаните, но потребна му е и на бизнис секторот.

Еднаш засекогаш да се престане со партиските и роднинските вработувања и да се инвестира во развојот на приватниот сектор, за да имаме компании коишто ќе овозможат повеќе вработувања и производи со поголема додадена вредност за да работниците имаат поголеми плати. Нашите компании да станат поконкурентни, за да бидат и поинтересни за младите работници. Мораме да создадеме силен приватен сектор, за да и работниците бидат задоволни. Јас мислам дека треба да се преструктуира и економијата, во контекст на тоа да се вложува повеќе во отворање на големи компании, бидејќи тие можат многу повеќе да придонесат во растот на економијата.