ИнтервјуаПравдаСветот на работникот

Петковски за Работник: Треба да се направи процена на ризик од Ковид – 19 на секое работно место

Петковски за Работник - Работник
698views

Секој кој нема да ја направи проценката на ризикот од САРС КоВ 2 како биолошка штетност на работното место е директно одговорен за неговото ширење и незаштитување на работниците на работните места, вели Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, м-р Милан Петковски во мини интервјуто за Порталот Работник. Тој посочи дека здружението и голем дел од докторите од областа на трудова медицина поднеле 15 предлози за да помогнат во справување со вирусот Ковид – 19 на работните места, но како што вели сеуште нема одговор од институциите.

Во продолжение прочитајте го целосното интервју:

Работник: Со оглед на тоа дека голем број на работници се заразија од Ковид-19. Каде Вие ја гледате вината за тоа?

Петковски: Не знам дали е умесно да констатирам дека тенденцијата на двата пола во случајов (државната управа и народот) е првиот да го обвини вториот бидејќи се заразил, а вториот да се бунтува бидејќи слободата му е одземена заради “непостоечка болештина”. Знам дека е во одредена мера ова груба вулгаризација на целокупната палета на (квази) анализи кои се појавуваат за да ја објаснат црвената КОВИД- 19 точка на европската и светска мапа, но сепак се’ се сведува на стариот софизам “не е до мене – не ни е умен народот”.

Да бидем искрен, ме изненади анализата на Меѓународниот центар за меѓународна соработка – МЦМС која, направена во јуни 2020, дека 24.9% сограѓани албанци и 5.7% македонци сметаат дека вирусот САРС КоВ 2 не постои(!?), а 18.3% албанци и 23.5% анкетирани македонци немаат никакво мислење.

Но да се вратам на безбедноста и здравјето при работа… Доколку ја согледуваме целокупната состојба со САРС КоВ 2 (името на вирусот) и се обидеме да ја перцепираме низ призмата на безбедноста и здравјето при работа, тогаш САРС КоВ 2 е биолошка штетност. Како биолошка штетност, таа треба да биде проценета и оценета, а соодветно на оценката да се превземат конкретни научно/технолошки чекори во нејзиното елиминирање, а со тоа и ризикот кој таа го создава.

Секој кој нема да ја направи проценката на ризикот од САРС КоВ 2 како биолошка штетност на работното место е директно одговорен за неговото ширење и незаштитување на работниците на работните места.

Работник: Како го оценувате спроведувањето на мерките за заштита на работното место од Ковид-19?

Петковски: Хаотично. Но не од страна на збунетите работодавачи и работници кои и веќе легнуваат и стануваат со мислата дека треба “да дезинфицираат, држат растојание и носат маска”, туку многу повеќе од надлежните институции кои не им даваат конкретни чекори како да го прават тоа. Сите импулсивно тргнаа да користат хигиенски маски и ракавици, а тие ниту се вброени во лична заштитна опрема. Тие не го штитат носителот да не се зарази, туку единствено доколку носителот е заболен, да не ја шири заразата.

Заштитарската пирамида зборува дека прво требаше да се започне со елиминација или субституција на штетноста, па доколку тоа не е возможно да се применат техничките и инженерските мерки. Доколку и тоа не е доволно да се намали ризикот од зараза, да се оди на административни мерки кои подразбираат обуки, правилници, постапки, протоколи итн. На крајот доколку и оваа мерка не е делотворна, се оди на лична заштитна опрема. Кај нас (но морам да признаам и во светот) оваа пирамида ја превртеа и започнаа од личните заштитни средства, кои како што напоменав претходно, дури не се и заштитна опрема.

Работник: Што дополнително треба да се преземе за да се превенира ширењето на Ковид-19 на работните места?

Да се вклучат инженерите за заштита при работа и да ги послушаат кога зборуваат дека ниту еден ризик не се отстранува со импровизации. Поразувачки е за Македонија, која има свои инженери за заштита при работа, до ден денешен да не ги искористи нивните потенцијали и не ги повика и да ги искористи нивните услуги. Јас лично со моите колеги, како инженери, така и лекари по медицина на труд имаме направено и испратено најмалку 15 предлог постапки за справување со оваа пандемија на работните места и тоа според индустрии. Бројни видеа наменети за работниците и работодавачите во Македонија, така и за целиот Балкан (од Словенија до Турција). Дописи до надлежните институции со конкретни препораки од страна на Македонското здружение за заштита при работа, како и нашите социјални партнери, како што се КСС, ОРМ, ССМ итн. Дали добивме одговор на подадената рака – уште чекаме.

Нема да застанеме со нашите активности, но паметна управа/менаџмент би ги искористила интелектуалните капацитети на своите човечки ресурси. Тоа би го направила умна администрација (и би земала ловорики за умно раководење со криза).

Бобан Илијевски