Платата не е главен фактор при вработување, туку балансот меѓу работата и приватниот живот
Во иднина треба да се посвети многу повеќе внимание на подобрување на условите што ги нуди работното место ако сакаме да ги задржиме младите на пазарот на труд, порача извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски на денешниот 5. Форум на добри компании што се одржува во Скопје. Главен фактор при вработување не е платата, туку балансот меѓу работното место и приватниот живот.
По ковид-пандемијата почна да се чувствува дека работниците веќе имаат поинакви очекувања и потреби. Ова како тренд почна во 2024 година кога на пазарот се вклучи генерација Z и тоа ни покажа дека значително влијание треба да се посвети на работната култура доколку сакаме овие лица да ги задржиме на пазарот на труд. Првпат, според истражувањата, платата не е највисоко рангирана за тоа какво работно место избираме, туку тоа е чувството на припадност на работното место, односно балансот меѓу приватниот и деловниот живот – изјави Илијевски пред почетокот на Форумот.
Во земјите од Западен Балкан, како што посочува, платата сè уште е приоритет, но важен фактор станува и балансот меѓу работното место и приватниот живот, односно колку работата се ефектуира врз приватниот живот.
И заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески е на сличен став дека иако платата е основен мотиватор при изборот на работното место, сепак не е секогаш пресуден.
Секако, еден од главните услови е и тоа работникот да е задоволен од условите на работното место во поглед на заштита на работничките права, добриот однос на менаџерскиот систем кон вработените, можноста за унапредување… – посочува Ристески.
Според него, причините за одливот на мозоци се комплексни и се резултат на лошото владеење во изминатите децении. Она што треба да се направи, вели Ристески, е симбиоза меѓу креаторите на политики, граѓанскиот сектор и бизнисот.
Тој додаде дека во земјава недостига кадар од занаетчиските струки и треба да се работи на дуалното образование, но недостигаат и висококвалификувани кадри од областа на техничките науки.
- Независниот синдикат на полицијата денеска излегува на протест, бараат да се почитува Законот за минимална плата - 12/05/2025
- Швајцарската компанија „Ронтис“ ќе инвестира во Македонија – ќе вработи 500 лица - 12/05/2025
- СПМ зеде учество во панихидата по повод десетгодишнината од настаните во Диво Насеље - 09/05/2025