- Advertisement -
НовостиПравда

Порталб: Имунитетот на ковид-19 не се развива веднаш по примањето на вакцината

Вакцинација - Работник
178views

Во земјава, од вкупно вакцинирани 6.760 здравствени работници, 104 биле позитивни на тестирањето на ковид-19 откако се вакцинирале. Според хемичарот Егзон Адеми тоа е сосема нормално, бидејќи според него, човечкиот организам не создава веднаш одбранбен имунитет после добивањето на вакцината. За тоа, на организмот му се потребни најмалку две недели по втората доза. Лекарот Љиридон Диша, кој веќе се вакцинирал, вели дека се чувствува добро и симптомите после добивањето на вакцината кај него биле лесни, пишува Порталб.мк.

Сознанијата што Порталб.мк ги обезбеди преку Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека 1,53 отсто од здравствените работници кои се вакцинирале со една од вакцините против корона вирусот во РСМ, се заразиле откако ја примиле првата доза. Во земјава до сега се вакцинирани вкупно 6.760 здравствени работници.

Од Институтот истакнуваат дека постои можност овие здравствени работници да биле заразени пред примањето на вакцината или пак да имале контакт со корона вирусот после примањето на првата доза на вакцината.

„До сега вкупно 104 лица што ја примиле вакцината против ковид-19, се заразиле после вакцинирањето. Сметаме дека овие лица или биле во фаза на инкубација или се заразиле откако ја примиле првата доза“ рече Наташа Димитриевска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Димитриевска вели дека не постојат прецизни информации за тоа во каква состојба ја прележале болеста овие лица што се вакцинирани и позитивни на ковид-19. Според неа, тешко е да се утврди ваков податок.

„За формата на болеста, не може да се даваат податоци бидејќи информациите што ги поседуваме според анкетите, не важат за целото времетраење на болеста. Заразените лица се анкетираат на почетокот од појавата на симптоми, а за тоа како се развивала болеста, дали била потешка или полесна може да се констатира после деталните анализи за конкретни пациенти, од повеќе извори“ рече Наташа Димитриевска од ИЈЗ.

Според хемичарот Егзон Адеми, многу е значајно организмот да има барем две седмици време по добивање на втората доза против корона вирусот за да произведе имунитет, и дека е сосема нормално што се заразени после вакцинирањето во определени околности.

„Човековиот организам не создава имунитет на одбрана веднаш штом ќе ги прими едната или пак и двете дози на вакцината. На организмот му се потребни неколку дена за да почне да создава имунитетна реакција, доволно за да не се зарази во случај на изложување кон вирусот. Така, на пример, конкретно вакцината на Фајзер/БиоНтек со примањето на едната доза во фазите на проучување се покажала 52 отсто ефикасна. Меѓутоа, и оваа ефикасност не е инстантна бидејќи антителата се развиваат околу 7 дена после добивањето на вакцината и нивниот врв го достигнуваат 2 недели после првата доза. Затоа, постои можност луѓето што се вакцинирале, но пројавиле симптоми на заразување после вакцинацијата, да се заразиле неколку дена пред добивањето на вакцината до 7 дена после вакцинирањето, во периодот додека сѐ уште не се развиле антителата за одбрана“, вели за Порталб.мк Егзон Адеми, хемичар.

Адеми ја истакна важноста за почитувањето на заштитните мерки од ковид-19 и после вакцинацијата, особено додека не помине одреден временски период после примањето на втората доза. Според него, можноста од заразување со вирусот корона две-три недели од примањето на втората доза на вакцината е 0,04 отсто.

„Целосната заштита што ја гарантираат вакцините се достигнува 2-3 недели после примањето на втората доза кога има 10-кратно зголемување на неутрализирачки антитела, кога ефикасноста на вакцината Фајзер/БиоНтек и Модерна е 95 отсто, а на АстраЗенека ефикасноста е над 70 отсто, или на Џонсон&Џонсон 66 отсто. Во текот на целиот период, додека не е развиена целосната имунитетна заштита, вакцинираните лица треба да се заштитат, како што би требало да се пази некој што не се вакцинирал, и сметам дека тие што се заразени, се заразиле токму во текот на тој период пред да се развијат антителата односно делумно се развиени што не е доволно за одбрана против заразувањето. Поради тоа, во светот, за вакциниран се смета лице што навршило 2 недели од примањето на втората доза“, вели тој.

„Независно од ова, ниту една од вакцините не е 100 отсто ефикасна, ниту за овој вирус ниту пак за било кој друг вирус што постои, поради за многу мал број, статистички постои можноста од заразување и после вакцинирањето со две дози и оваа бројка се движи околу 0,04 отсто според фазите на студирањето кај вакцините против ковид-19“, рече Адеми.

Хемичарот Егзон Адеми исто така потенцираше два значајни факти, и тоа:

  • Лице што е заразено неколку дена пред вакцинирањето во ниту еден случај не развива тешки симптоми на болеста, а не се ни хоспитализира бидејќи сите вакцини гарантираат 100 отсто заштита од тешко влошување на состојбата и хоспитализирање, и дури и да се зарази после вакцинирањето или во тек на времето кога не е развиен целосен имунитет.
  • Самата вакцина, од научна гледна точка, и наодите од фазите на развивањето, и милионите вакцинирани луѓе, никако не може да заразат или да предизвикаат заразување бидејќи вакцините само го претставуваат Спајк (Spike) протеинот на вирусот SARS-CoV-2, што не заразува. Човечкиот организам врз основа на ова, во определен период развива антитела.

Лекарот Љиридон Дишa ќе ја прими втората доза од вакцината против корона вирусот. Тој потенцира дека после првата доза се чувствувал добро, почувствувал само блага болка на местото каде што му е администрирана вакцината.

„Вакцината против новиот корона вирус е иста или слична со другите вакцини. Несаканите ефекти се поединечни и зависат од начинот како ќе реагира човековиот организам. Јас лично почувствував лесна болка во местото каде што ми беше аплицирана вакцината и освен тоа немав никаков друг симптом. Меѓутоа, повторувам, симптомите се поединечни и може да се разликуваат од поединец до поединец“, рече лекарот Љиридон Дишa.

Инаку, првите 3.000 вакцини од Русија во РСМ пристигнаа на 7-ми март со редовната линија на „Air Serbia“ од Белград. До крајот на месецов се очекува да пристигнат и вакцините од другите производители: кинеската „Синофарм“, „АстраЗенека“ и  „Фајзер/Бионтек“. Со испораката на „Спутник В“, ќе бидат вакцинирани здравствените работници. Нивното вакцинирање започна, но вакцините што беа донирани од Србија не беа доволни.

Оваа вакцина, за разлика од „Фајзер/Бионтек“, се чува на температури од -18 до -20° степени. Од „Спутник В“ се очекува да пристигнат 200.000 дози. Од кинеската вакцина се нарачани 400.000 вакцини.

Од друга страна, компанијата „Фајзер/Бионтек“ за цела 2021 година, предвидела во Северна Македонија да испрати 800.280 дози вакцини. Северна Македонија се очекува да добие 830.000 дополнителни вакцини и преку Ковакс механизмот.

Извор: Мета.мк