Приватните превозници бараат средба со премиерот, можна радикализација на протестите

Приватните автобуски превозници се уште протестираат со блокада на булеварот „Илинден“ околу Градот Скопје. Откако не беше одговорено на нивното барања за средба со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, тие чекаат да бидат примени од Владата.

Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“ изјави дека се надева на средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која ќе зборуваат за актуелната состојба. Доколку не се оствари средбата, можно е и да се радикализираат протестите.

-Не знаеме кога ќе бидеме повикани. Тоа е на нив, во зависност од обврските на премиерот. Не сакам ни да помислам на тоа што доколку не не повикаат. Најверојатно ќе има радикализација на протестите, но сепак треба да се состане координативното тело претходно на приватните превозници и да ги договориме понатамошните чекори, посочи Муриќ.

Тој напомена дека блокадите се повлечени од крстосниците „Мавровка“ и „Црвен крст“ се со цел да се намали хаосот во сообраќајот и да им се овозможи на граѓаните полесно движење.

-Тука сме на булеварот „Илинденска“, каде ќе дежураме 24 часа и така ќе продолжиме се додека нема некој позитивен помак во однос на нашата состојба. Се надеваме дека претседателот на Владата, Димитар Ковачевски ќе не прими на средба. Ние во петок уредно доставивме барање да не прими. Од Градот, за жал, како и досега апсолутно никаков интерес да се обидат да ја решат состојбата во која што се наоѓаме, изјави Муриќ.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.

Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година направија поголема блокада со поставување на околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст, и останаа да протестираат само на бул. „Илинден“ во околината на Град Скопје.