ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ВО НОЕМВРИ НАД 38 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ: На годишно ниво се зголемила, но на месечно бележи намалување
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2023 година, изнесува 38.359 денари, објави Државниот завод за статистика.
Иако на месечно ниво има благо намалување на платите, на годишно ниво има раст на просечната плата во Македонија.
Имено, за споредба, за октомври месец 2023 година, ДЗС објави дека просечната плата изнесувала 38.843 денари.
Сепак, од статистика посочуваат оти индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во ноември 2023 година, во однос на ноември 2022 година, изнесува 116.2.
– Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (23,8 отсто), Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (22 проценти), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (19,4 отсто).
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Дејности во врска со недвижен имот (8 отсто), Рударство и вадење на камен (5,9 проценти), Финансиски дејности и дејности на осигурување (4,6 отсто) – се појаснува во нивното соопштение.
Како што може да се види од претходните нивни соопштенија, во ноември 2022 година, просечната нето плата изнесувала 33.011 денари.
- Мицкоски по состанокот на ЕСС: Очекувам наредната година да имаме раст кој ќе го почувствуваат граѓаните преку повеќе пари, подобри услови за бизнис и поефикасни услуги - 06/12/2024
- Во октомври зголемен бројот на слободни работни места во САД - 05/12/2024
- Во петок прв официјален Економско социјален совет - 05/12/2024