Uncategorised

Работниците во 2022 година повторно влегуваат со старите проблеми

   Време за читање 3 минути

Бобан Илијевски

Завршува уште една година. За точно пет дена, светот влегува во новата 2022 година. Македонија, за жал, и во 2022 година ќе влезе со еден куп стари проблеми кои остануваат нерешени. Од аспект на сферата на работните односи, можам да кажам дека не се смени ништо значително. Работниците не добија унапреден статус, не го добија она што им следува согласно сите позитивни законски прописи и меѓународни конвенции, па им остана на истото да гледаат како на нешто луксузно.

2021 година ќе остане запаметена како уште една пандемиска година, во која имаше отпуштања од работа, носење на несовесни и популистички политики за пусти политички поени и поддржување на истите, за ете, работниците да си речат дека се борат за нив. Политиката остана вкоренета во синдикализмот, како и во сите други сфери во општеството, за што најскапата цена ја платија токму работниците.

Она што успеаја да добијат, беше мало покачување на минималната плата која сега изнесува 15,200 денари. Гледаме вчера еден од синдикатите поднел иницијатива до Собранието за зголемување на минималната плата на 18,000 денари. Тоа е во ред. Го поддржувам, но барем еднаш да го насочија вниманието кон тоа што во одредени компании се пуштаат по два денари плата, па да видеа што е работата со УЈП и да го решеа тој проблем. Вие зборувате за зголемување на минимална плата, но дел од работниците не можат да ја земат ниту таа што е законски пропишана, токму поради што системот на УЈП го дозволува тоа. Ова, да се разбереме, не е вака од сега, туку години наназад.  

Го изгласаа и фамозното законско решение за недела како неработен ден, кое треба да стапи на сила од 1 јануари 2022 година, а за кое веќе две години се зборува. За ова пишував во минатата колумна, па за да не се повторувам, ќе го кажам следново – времето ќе покаже дали овој закон ќе смени нешто на подобро.

Социјалниот дијалог, којшто според најновиот Извештај на Европската комисија е паднат на оценка 1, од претходната оценка 4, е уште еден горчлив проблем. Колективното преговарање во приватниот и јавниот сектор не се подобри ниту во 2021 година. Од вкупно четири синдикати, само еден беше активно инволвиран во состаноците со надлежните. Зошто е тоа така, треба да објаснат надлежните.

Оваа година, административците беа категоризирани како корумпирани од страна на Премиерот во оставка, а со таа изјава беше извршен индиректен притисок врз вработените. Државата како доминантно најголем работодавач, не го смени односот кон своите вработени ни во 2021 година. Во некои јавни установи беа уништувани синдикални организации, а против нивните лидери се водеа дисциплински постапки или пак беа бркани од работа.

Вака накусо изгледаше 2021 година во однос на сферата на работните односи. Се надевам дека 2022 година ќе биде година без пандемија, со намалување на прекршувањето на работничките права и дека социјалниот дијалог ќе се искачи на повисоко ниво.

Ова е последна моја колумна за 2021 година. Посакувам во 2022 година да пишувам за многу поубави работи.

На сите мои читатели, поддржувачи, критичари и хејтери, им посакувам Среќна Нова 2022 година, многу среќа, успех, а најмногу од се здравје.