- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Разногласија во Владата околу предлогот недела да се прогласи за неработен ден

Разногласија во Владата - Работник
183views

Идејата недела да биде неработен ден за сите, направи разногласие во владата. Премиерот Зоран Заев на големи врати ја претстави оваа бенефиција за вработените во приватниот сектор, но со тоа не се согласува министерот за економија Крешник Бектеши. Тој вчера посочи дека угостителскиот сектор, туризмот, и вработените во трговијата на мало треба да продолжат да работат во недела. Од Илинденска број два за Алсат велат дека владата е демократска и засега ги разгледува сите предлози кои доаѓаат од засегнатите страни.

„Согласно демократските принципи и правилата на добро владеење, оваа Влада од самиот почеток се залага за транспарентност и инклузивност на сите општествени чинители. Следствено на тоа, во моментов трае дебата и сечие аргументирано мислење е ставено на маса и се разгледуваат сите аспекти“, велат од Владата.

И додека членовите на Владата сѐ уште немаат договор дали новиот Закон за работни односи ќе предвидува во недела да се работи или не, синдикалците веќе посочија дека се чувствуваат изиграни. Синдикатите во земјава прогласија голема победа кога премиерот Заев на трети ноември лично најави дека во недела никој нема да работи освен пожарникарите, дел од здравствениот сектор и полицијата.

ССМ:
„Анализите и примерите  покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а исто времено да не трпи ниту бизнисот ниту работниците и граѓаните“.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати пак посочија дека ако мора да се работи во недела тоа барем да биде платено со повисока дневница за 50 отсто од регуларната на работникот. Додека се подготвува новиот Закон за работни односи, од Министерството за информатичко општество за Алсат посочија дека тие наместо да дадат предлози кои дејности од приватниот сектор да бидат ослободени од работа во недела. Тие ќе побараат измени во Законот за јавен сектор со кој ќе се зголемат дејностите кои задолжително треба да работат во недела, пишува АлсатМ.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија истакнаа дека работникот треба да избере дали недела сака да му е слободен ден или не, бидејќи како што велат, не на сите им одговара недела да им биде слободен ден, пренесува ММС.