Риба, октопод и морски плодови за 20.500 евра- Владата продолжува да се луксузира

Свежа и замрзната риба, октопод и морски плодови за 20.500 евра за Владата иако се продлабочува економската криза. Службата за општи и заеднички работи на Владата склучила три договори со фирма од Скопје од која ќе ја снабдува храната, пренесува Алсат.

Првиот договор е вреден 787.500 денари или повеќе од 12.800 евра. За оваа сума, договорната компанија е должна да ја снабдува Владата само со свежа риба.

Вториот договор е вреден 262.500 денари или 4.268 евра. За оваа сума Владата ќе се снабдува со замрзната риба и октопод.

Додека третиот договор меѓу Владата и фирмата добавувач бил направен за морски плодови и бил вреден 210.000 денари или 3.415 евра.

Вкупната вредност на трите договори е 1.260.000 денари или околу 20.487 евра.

Од Владата велат дека се работи за редовно годишно снабдување и додаваат дека најверојатно нема да се изврши целокупната набавка предвидена во договорот.

„Станува збор за редовно годишно снабдување кое се врши етапно. Ќе се плаќа онолку колку што ќе се потроши, во зависност од бројот на посети на делегациите во текот на оваа година“, рекоа од Владата, додава Алсат.

За да не е само со риба и октопод, Владата неодамна потроши и 37 илјади евра за лажици, вилушки и луксузни чинии.