Секогаш ќе има потреба да се штитат работничките права, најбитно е како се прави тоа

Лазар Ангелески е пензиониран синдикален лидер. Повеќе од 20 години беше на чело на Регионалниот синдикален совет на ССМ во  Прилепскиот регион. Беше „прв синдикалец“ токму во најтурболентното и најтешко време за работникот – кога беа бројните стечаи, а работниците останаа на улица. Ангелески во интервју за МИА вели дека синдикалната борба за работничките права е вечна, но на ваков начин не се унапредуваат работничките права. Прво, како што истакнува, треба да се тргне политиката од работничкиот труд и неговото валоризирање.

Ангелески, што се случуваше со работничките права токму во најтурболентните „стечајни“ години, колку се заштитија?

– Деведесеттите години од минатиот век, а и почетните од 21 век навистина беа најтурболентните години за работниците, за остварувањето на нивните права. Во тој период се затвораа фабриките, се губеа правата, работниците остануваа без плати, без работа и беа принудени да реагираат со штрајкови, со протести. Можам да речам дека не се постигнаа посебни права за работниците иако правевме сѐ што можевме. Знаеме дека голем дел од фирмите се затворија, работниците останаа на улица, така што, не сум задоволен од тоа што го постигнавме, иако вложувавме многу напор, енергија, многу контакти со членовите на синдикатот, бидејќи тогаш се работеше непосредно со членовите. Немаше некоја синдикална конкуренција. Го носевме главниот товар. Имаше успеси, знаат и самите работници, но не беа значајни. Фирмите, едноставно пропаднаа, немаше од кого да бараме. Од друга страна, вработените во јавниот сектор не штрајкуваа, имаа некоја сигурна плата, знаеја дека ако работат во приватен сектор ќе бидат во многу понеповолна ситуација.

Најтешко беше да се воспостави синдикална организација во текстилниот сектор. Се промени ли нешто?

-За жал се промени, ама на полошо, зашто во приватниот сектор речиси нема фирми во кои има синдикални организации. Самите услови на пазарот, немањето работа, тешкото доаѓање до работно место, ги демотивираше работниците да се организираат синдикално. Од друга страна, државата долги години не направи некој напор да им помогне на работниците, во смисла да им направи терен за да може да се организираат за полесно да ги решаваат споровите со работодавците. Ситуацијата сега е уште полоша. Синдикати има во оние фирми кои континуирано продолжија да работат од времето на поранешниот систем. Во сите други поголеми компании, во индустриските зони, не може да се формираат синдикални организации, едноставно, од страв работниците да не ја загубат работата.

Дали се унапредуваат или се уназадуваат денес работничките права?

– Мислам дека се уназадуваат. Крајно време е сите политички субјекти во државава да помогнат за да овозможат терен за полесно синдикално да се организираат работниците и за полесно да се договараат со работодавците за да не бидат на товар на целиот систем.

Кое е решението за работничките права и дали сфатија работодавците дека задоволниот работник е попродуктивен?

-Сѐ уште немаат сфатено. Најверојатно за кратко време, со иселувањето на младите луѓе, ќе сфатат дека само со дијалог, со компромис ќе може да ги привлекуваат работниците да остануваат на работа ако им овозможат нормален живот, нормални примања, соодветни на економската состојба. Има некоја најава да се измени Законот за работни односи во смисла на тоа секој работен колектив да има колективен договор преку кој ќе се решаваат прашањата на платите, на придонесите. Ако тоа се овозможи, тогаш, автоматски, во фирмите ќе има синдикати кои ќе може да воспоставуваат односи со работодавците за полесно решавање на работните спорови.

Најактуелен е штрајкот во образованието, иако е ставен во мирување!

-За разлика од порано кога штрајкуваа вработените во секторот производство, сега штрајкуваат во јавниот сектор. За мене клучно е што никој не направи напор во изминативе 20-тина години да ги уреди тие односи. Има Закон за работни односи кој не кореспондира со моменталната ситуација на пазарот на трудот, порано имаше сега нема закон за штрајк, а одредбите во Законот за работни односи или се неприменливи или тешко се применуваат. Сега настана хаос. Никој не знаел дека постоел Закон за мирно решавање на работни спорови, што е пропуст на двете страни што учествуваат во штрајкот. Дури нема ниту општ колективен договор во јавниот сектор уште од 2008 година. И, што е недозволиво, има премногу мешање на политиката во сегашниот момент на синдикалното организирање. Порано, политичарите бегаа од проблемите помеѓу работниците и работодавците. Не сакаа да се мешаат. Сега, на секој штрајк некој го поддржува, друг го напаѓа. Мешањето на политиката е најопасната работа и не дозволува да се дојде до нормално остварување на правата на работниците, зашто третите страни не ги трпат последиците кои ги засегаат работниците. Значи, основните проблеми се: нејасни, несоодветни, неприменливи законски прописи, немањето секаде колективни договори, ниту во јавниот, ниту во приватниот сектор и, мешањето на политиката. И се заборава најосновното – компромисот, колку и да е „болен“. Никогаш другата страна во целост не исполнила она што го побарала првата страна. Компромисот е битен за во текот на натамошното работење мирно да ги решат споровите.