- Advertisement -
ИнтервјуаНовостиСветот на работникот

Сивевска: Поради доцнењето на мерките, бројот на работници може да се намали за над 25%

Сивевска: Поради доцнењето на мерките - Работник
352views

Ексклузивно интервју на порталот Работник со извршната директорка на Текстилниот кластер Наташа Сивевска, во кое таа зборува за пакет мерките за помош на бизнис секторот, што ќе биде потребно да се направи за да заздрави текстилната индустрија, сигурноста на работните места, поради рестриктивните мерки во Западна Европа воведени поради новите соеви на коронавирусот. 

Во различни сегменти од текстилната индустрија имаме различни ситуации. Модниот програм страдаше многу, но за разлика од него производството на службен програм и работна облека некако се задржа и продолжи во речиси нормален интензитет на производство. Затоа не може да се каже колку отпуштања има или ќе има. Некои отпуштања се времени, некои трајни, а имаме изолирани случаи каде што има и раст на бројот на вработени, вели Сивевска. 

Во продолжение целосното интервју:

Работник: Текстилната индустрија е една од најпогодените гранки од ковид пандемијата. Колку досегашната финансиска помош (четирите пакет мерки) која ја обезбеди Владата му помогна на овој сектор да се справи со економските последици?

Г-ѓа Сивевска: Текстилната индустрија поради спецификата на трудоинтензивна гранка а и поради намалениот обем на купување заради затворените пазари е многу погодена од пандемијата. Двете анализи изготвени во текот на минатата година покажуваат огромен пад на извоз во првите месеци на кризата (март – април 2020) за да после тој пад во наредните месеци се ублажи со производство на маски. Падот се актуелизира повторно во месеците септември – декември, а уште полошо започна 2021 година. За наредниот период се очекува уште поголем пад, бидејќи компаниите не добиваат нови нарачки од своите ино-партнери или добиваат нарачки во преполовени количини. Одредени брендови најавуваат почеток на соработката дури за следната 2022 година, бидејќи магацините им се преполни и со летна и со зимска колекција што ќе ја продаваат во 2021 година.  

Голем дел од компании од текстилниот сектор користеа субвенции за плати во месеците мај, јуни и јули и ги исполнуваа дефинираните услови затоа што споредба се правеше месец за месец со истите месеци од претходната година, што се покажа како најдобар показател за споредба. Со новиот закон за финансиска поддршка на плати кој се донесе во октомври 2020 (во скоп на четвртиот пакет на мерки), многу мал број на компании ги исполнија условите за субвенционирање, првенствено заради несоодветно избраниот референтен период кој не ја прикажуваше реалната слика на пад на приходи. Ние на состанокот кој го имавме со Вицепремиерот Битиќи во Владата укажавме на тоа, но уажавме и дека секој пад на приход, дури и помал од 30% е проблем за компаниите во трудоинтензивните сектори каде што речиси 80% од средствата на една компанија се наменети за плати, и треба да се субвенционира. 

Работник: Дали мерките предвидени во петтиот пакет ќе му помогнат на текстилниот сектор? 

Г-ѓа Сивевска: Дали мерките од петтиот паќет ќе помогнат на текстилниот сектор зависи од тоа кога ќе се донесат и како ќе бидат формулирани критериумите. Мерките веќе се задоцнети. Законот за финансиска поддршка на плати требаше да продолжи уште во јануари, без прекин, бидејќи уште во декември беше јасно дека секторот ќе страда поради тоа што најголемите пазари каде што извезуваме, Германија, Холандија, Белгија, беа во крантин и сеуште се. Компаниите овие два месеци се обидуваат да ги задржат работниците на било каков начин иако немаат работа и се надеваат дека законот ќе се донесе уште денес а критериумите ќе бидат реално дефинирани.

Работник: Како гледате на тоа што Собранието сеуште ги нема донесено законските решенија со кои треба да започне реализацијата на мерките?

Г-ѓа Сивевска: Кога се донесе законот за поддршка на плати во октомври 2020, беше кажано дека поддршката се донесува во форма на закон за да може во континуитет да продолжи и во наредните месеци доколку за тоа има потреба. Немаме објаснување зошто тоа така не се реализира кога беше евидентна потребата од поддршка а и тектилниот кластер редовно доставуваше информации и анализи до владата за реалните критични состојби во секторот. На загрозените компании таа поддршка, посебно во овој период, како никогаш досега им е неизмерно потребна и ние како текстилен кластер го молиме Собранието по брза постапка да го стави на дневен ред и го изгласа законот за поддршка на плати. Тоа е едниствениот начин за да се овозможи опстанок на загрозените компании и да се обезбеди зачувување на работните места. 

Работник: Какви мерки според Вас се потребни за да му се помогне на текстилниот сектор да заздрави, со оглед на тоа дека во Западна Европа сеуште има рестрикции? 

Г-ѓа Сивевска: Сведоци сме дека рестиркциите во Западна Европа не попуштаа туку напротив, одредени земји допрва влегуваат во карантин. Мерките се знаат, финансиска поддрша за зачувување на работните места сеедно дали поддршката ќе се даде на компанијата или директно на работникот. Во текстилниот сектор немаше злоупотреби и немаше компанија која поддршката не ја даде не работниците. Таа беше, и е наменета за работниците и може да биде дадена и директно на нив доколку така се одлучи. Но тука би сакала да отворам уште едне проблем а тоа се боледувањата. Покрај недостатокот на нарачки, големиот број на боледувања на терет на компнијата се проблем кој ги доведе компаниите во уште полоша состојба. Едноставно компаниите плаќаат премногу отсуства кои во проценти се движат и над 30% отсуства на товар на фирмата. Она што беше предложено од текстилниот кластер е работникот во текот на годината да користи само еднаш боледување на сметка на компанијата, а следните боледувања да бидат на терет на фондот. Исто тако по примерот на сите европски земји, боледувањата треба да бидат најмногу до 3 дена на терет на работодавачот, а останатиот период на терет на фондот и ова треба да влезе и во новиот закон за работни односи. Воедно потребно е намалување на непродуктивните торшоци, банкарски гаранции за царина, банкарски трошоци – водење на сметки, изготвување на изводи, извештаи за УЈП, лежарина за брзи пратки и останати административни проблеми кои дополнително ги оптеретуваат фирмите, а токму во ек на пандемијата некои од овие трошоци беа зголемени.

Работник: Кои се Вашите проекции за работните места во текстилната индустрија?

Г-ѓа Сивевска: Во различни сегменти од текстилната индустрија имаме различни ситуации. Модниот програм страдаше многу, но за разлика од него производството на службен програм и работна облека некако се задржа и продолжи во речиси нормален интензитет на производство. Затоа не може да се каже колку отпуштања има или ќе има. Некои отпуштања се времени, некои трајни, а имаме изолирани случаи каде што има и раст на бројот на вработени. Од анализата направена минатата година, согласно очекувањата на компаниите на почетокот на кризата, дојде до намалување на бројот на вработени од 3 до 8%. Овој пад ќе беше поголем, но беше делумно амортизиран со производство на заштитна опрема (маски) и со финансиската поддршка на плати од Владата. Овој процент во првите два месеци од 2021 година е зголемен а очекуваме да оди и над 25% како резултат на доцнењето на мерките и критичниот недостаток на работни налози.

Работник: Ќе има ли големи загуби на истите и колку? 

Г-ѓа Сивевска: Загуби веќе има, а ќе бидат уште поголеми но колкави ќе бидат не можеме да предвидиме бидејќи на тоа влијаат различни фактори. Едноставно загрозените фирми нема да може да опстанат без поддршка. Тоа не е само кај нас, се случува во цел свет. Ако државите на запад ги финансираат брендовите затоа што не им оди продажбата, поддршката за трудоинтензивните производствата е уште поважна. Компаниите од текстилниот сектор веќе губат. Губат купувачи, губат нарачки, губат проходи и губат и вработени, а тие се најважниот капитал во компанијата кои го создавале и обучувале во изминатиот период. Прекинатото производство многу тешко се враќа во нормала. Но, сите ние уште сега треба да мислиме, не само како да се преживее сега, туку и како ќе се продолжи кога ќе се нормализира сотојбата. Продуктивноста, квалитетот и социјалната одговорност ќе бидат пресудни за да се добијат добри и квалитетни нарачки, а за сето тоа се потебни инвестиции во кадар, опрема и социјален аудит. Тука државата може да помогне многу со соодветни квалитетни програми и фондови. 

Бобан Илијевски