Синдикатот на „Еуроникел индустри” бара состанок со менаџментот поради страв од стечај
Синдикатот на ,,Еуроникел индустри” од Кавадарци бара состанок со менаџментот на компанијата, поради страв од стечај. Со потписи од претседателот Миле Ѓорѓиев и членови на извршниот одбор на синдикатот, тие испратиле допис до раководството на комбинатот.
– Во изминатите две недели сме крајно вознемирени од информациите што кружат меѓу работниците за можен стечај на нашата компанија. Ние како синдикална организација нема да дозволиме да останеме без работни места, без плата и без основна егзистенција – се вели во дописот.
Во него, синдикалците пишуваат дека тие како работници, направиле се што се очекувало и се барало од нив.

– Цели девет месеци сме на 70 отсто, а цените и трошоците се зголемени за 50 отсто. Ние и нашите семејства, нашите деца, сме доведени на ниво на сиромаштија, да не можеме да си ги покриеме ни основните потреби. Страдаме веќе девет месеци и нема да дозволиме ова да продолжи и понатаму – велат синдикалните претставници во дописот.
Синдикатот бара фабриката да продолжи да работи, работните места на вработените да бидат обезбедени, веднаш да се зголеми личниот доход и да се исплати последната рата од к-15 за 2022 година. Во спротивно, велат од синдикалната организација, подготвени се на сите можни синдикални мерки како штрајкови, блокади, тужби, кривични пријави против инвеститорот, кој го сметаат за одговорен, доколку не се продолжи со работа и не се зголемат платите.

