СИНЏИРИ МАРКЕТИ, КАЗИНА, АПТЕКИ, ФАБРИКИ – кои се фирми ја изиграле државата за да добијат поевтина струја

Големи фирми сè уште се снабдуваат со поевтина електрична енергија, која според законот не им следува, користејќи „шема“ преку отворање на мали фирми „ќерки“ со до 20 вработени и со закупување на нивното броило.

Како што објави Телма денеска, овие фирми, преку оваа шема користат и до десетпати поевтина струја, а МЕПСО, но и Управата за јавни приходи (УЈП) треба да ги откријат ваквите злоупотреби и да пресметаат колку пари од ДДВ се одлеале од државниот буџет на овој начин.

Имено, на регулираниот пазар на електрична енергија се домаќинствата и малите и микро компаниите, но не плаќаат иста цена. Домаќинствата плаќаат една, а малите и мирко фирмите друга цена, која сепак е помала во однос на онаа од слободниот пазар каде со електрична енергија се снабдуваат големите фирми.

Од Владата засега не ги откриваат компаниите кои преку оваа шема се снабдувале со струја од февруари годинава до сега.

Телма испратила прашања до Владата дали може да ги наброи дел од фирмите кои спротивно на законот плаќаат помали сметки за струја и зошто нема промени во легислативата бидејќи се добива впечаток дека постоечкиот Закон за енергетика има недостатоци кои овозможуваат вакви злоупотреби.

Но од Владата на прашањата засега нема одговор.

На ваквите злоупотреби посочи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а надлежните органи најавија истрага.

Ова прашање денекс му беше поставено и на советникот за енергетика на премиерот, Димитар Ковачевски – Виктор Андонов. Тој истакна дека дека трендот на ваквите злоупотреби во текот на изминатата година за прв пат беше нотиран токму од државните институции, односно од страна на Регулаторната комисија за енергетика, и со „овој тренд ќе се справуваат институциите преку соодветни мерки со кои би се спречила евентуалната злоупотреба на електричната енергија, за што јавноста најтранспарентно ќе биде информирана“.

За потсетување, по скокот на берзанската цена на струјата, 12 илјади фирми мигрирале на регулираниот пазар, но дел од нив меѓу кои и општини смислиле шема со отворање на ќерки фирми да прејдат на регулираниот пазар и да користат субвеницнирана струја за микро и мали компании.

Ланци маркети, казина, аптеки, фабрики, осигурителни компании, се само дел од големите фирми кои го изиграле законот и направиле огромни финансиски заштеди од февруари навака.

Фото: Freepik