Собранието и Синдикатот на УКИМ потпишаа колективен договор, значително ќе се зголемат платите

Синдикатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Собранието потпишаа колективен договор врз основа на кој ќе може да им се зголемат платите на вработените.

Ангел Ристов, претседател на Синдикатот на УКИМ, извести дека ова е историски чин бидејќи ваков договор првпат се потпишува во историјата на нашата држава.

„Потпишувањето на договорот е резултат на повеќе од двегодишната синдикална борба и на заложбите на Синдикатот за подобрување на материјалната положба на наставниот и ненаставниот кадар на најстариот и најголем универзитет во државата. Со потпишувањето се прифатија нашите заложби, врз основа на кои во 2024 и 2025 година ќе дојде до значително покачување на платите на вработените, со што ќе се придонесе за поквалитетен развој на науката и високото образование во интерес и на студентите и на државата“, рече претседателот на Синдикатот, Ристов.

Тој му се заблагодари на претседателот на Собранието, Талат Џафери, оти ги прифатил нивните барања и го потпишал договорот.

„Ова е историски чин затоа што првпат во историјата еден државен универзитет потпишува ваков колективен договор со Собранието на Република Северна Македонија, со што, конечно, очекуваме и потврдуваме дека државата ќе го поддржи високото образование, а сè во интерес на развој и напредок на државата, на образованието и науката. Оваа година изгледа Дедо Мраз порано дојде во Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’“, рече Ристов.

Потпишувањето на договорот следува по протести и низа преговори за зголемување на платите со претставници на Владата. Синдикатот бараше да се потпише колективниот договор за да се овозможи постепено покачување на платите за кои сметаат дека се најниски во регионот.