МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ССНМ: Вие посакајте, а ние “платениците” бесплатно ќе ви организираме посета на Ковид центар

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници реагираше по повод извиците на луѓето коишто протестираа против присилна вакцинација.

“Вие посакајте, а ние “платениците” бесплатно ќе ви организираме посета на Ковид центар

Ние “платениците” со внимание и љубопитност ги проследивме Вашите обраќања до јавноста и до нас изнесени на денешниот протест под мотото „Стоп за присилна вакцинација“. По опсежни длабокоумни и повеќеслојни консултации решивме дека сакаме да ве повикаме на дружба низ Ковид центрите низ земјава, за со свои очи, да видите што се случува и да ја разберете моменталната состојба.

Ве покануваме одблиску да посведочите на здравствената состојба на оние луѓе, кои, за жал, се борат со вирусот за да преживеат, одблиску да го запознаете мединскиот персонал, односно докторите кои ги нарекувате “убијци”, а повеќе од една година немаат излезено од скафандер, макотрпно работат и со денови, ниту пак знаат за пазуа. За разлика од Вас, кои денеска повикавте да се “симнат” маските, ние ќе Ви обезбедиме соодветна заштитна маска и скафандер. Се надеваме дека ќе почуствувате и Вие како е да се биде во првите редови кога е во прашање јавниот интерес. Тоа најубаво ќе ви го раскажат докторите “убијци” и новинарите “платеници”.

Во оваа “екскурзија”, која од денешнот протест се забележа дека Ви недостасува, ќе ги запознаете новинарите и фоторепортерите кои без оглед на опасноста од заразата секојдневно Ви сервираа и Ви сервираат свежи и најнови инфомации, вклучително и од и во Ковид центрите, со цел да можете од комфортна зона, односно од Вашиот дом, да носите правилни одлуки по однос на иднината на нашето општество.

Ние новинарите “платеници”, воедно го поздравуваме и внимателно го следиме корпусот “граѓански активизам” составен од партиско-ситно есапџиски и манипулативен ќар на “дневна основа” и истиот нема да го заборавиме во нашите дневни и аналитички сознанија што ќе и бидат пласирани на јавноста согласно нашите професионални и етички обврски.

Патем, она што денеска можеше да се слушне на протестот на сметка на новинарите покажува колку нивната безбедност е фрагилна и оти тоа бара најбрзо што е можно да се донесат законските измени со кои напад и закана кон новинар би било напад врз службено лице регулирано во Кривичниот законик.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Ви посакува здрав разум и мудра одлука кога е во прашање здравјето. Бидете информирани, а ние од ССНМ Ви укажуваме дека ширењето на лажни вести за Ковид – 19 е недозволиво, неморално и казнивно по закон.

Денеска неколкумина наши колеги не можат да просведочат на овие директни и срамни напади врз фелата, затоа што за жал ја изгубија битката со вирусот, а само за потсетување, десетици медиумски работници досега се заразија и уште толку беа во изолација поради вирусот”.