Стопанската комора размислува да тужи за штетата врз фирмите во енергетската криза
Одговорност или оштета од државата, бара Стопанската комора. Додека власта се фали дека добро се справила со енергетската криза, бизнисот вели – поминавме многу лошо. Државата не даде ни денар за големите компании, кои се локомотива на бизнисот, за полесно да ја пребродат кризата. Да не се повтори и оваа година истото, бараат гаранции од државата.
– Колегите од другите земји ни велат – носите суровини, материјали од Јапонија, Кина, не успеавте струја да си обезбедите? Доста им ги лижете во Владата, на министри кои прв пат слушнале за струја? Еднаш ќе ве излажат, ама втор пат треба да си морон, трет пат кретен, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската Комора.
Добро соработуваме и ги прифаќеме предлозите од Комората, вели премиерот. Во иднина ќе бидат и тие консултирани со свои предлози, а дали треба да бидат обештетени – ги повика да се обратат кај надлежните органи.
Азески побара одговорност и од Регулаторната комисија за енергетика, како и по кој критериум им давала лиценци за трговците на струја, кои со мал влог правеле милионски профити, а кога ќе ги извиселе фирмите, не одговарале.
Големите компании од металургијата, хемиската, тутунската индустрија, градежништвото пријавиле дека имаат зголемени трошоци од 100 до 400 % поради високите сметки за струја. Затоа имале намален обем на работа, а некои и престанале со производство одреден период. Да не се повтори ланската слика, бараат од државата да донесе јасна стратегија уште пред да стартува грејната сезона, за да не биде доцна потоа.
Извор: Сител