МакедонијаПравда

,,Стоп за грабежот‘‘ – порака од маршот во Скопје

213views

Со автомобили, велосипеди, но и пешки, граѓаните излегоа на протестен марш под мотото “Стоп за грабежот”. Бараат да запре легалниот грабеж на граѓаните, што според нив се врши на повеќе начини, преку огромните камати и тарифи за присилна наплата на долгови, но и преку поскапувањето на струјата.

“Она што го правеа на граѓаните со парното, сега го прават со струјата. Покачувањето на струјата, кога други држави ја намалуваат, граѓанинот да го субвенционира неработењето, нерационалноста, расипништвото на компаниите, кои произведуваат и дистрибуираат струја е недозволиво. Дали сме ние социјална држава или сме заробеници на системот кој треба да ги финансираме неработниците, паразитите и оние кои ги трпаат огромните суми и примања во сопствените џебови? Имено, многу добро и јасно кажаа нашите сограѓани од Тетово, треба струјата во овие моменти да се намали, а не да се накачи”, вели еден од демонстрантите.

Организаторите велат дека протестот е против сите кои го ограбуваат народот, но и против сите кои го поддржуваат тоа, извршители, нотари, креатори на високи банкарски каматни стапки, судии, обвинители, како и нефункционалниот Судски совет.
Демонстрантите бараат правосудниот систем целосно да се промени, извршителите повторно да работат во рамки на судовите, бидејќи сметаат дека на тој начин ќе има поправични судења. Дополнително, бараат и ветинг на судиите.

“Се работи за исклучително тежок криминал, кој се реализира преку повторното извршување, преку повторните платни налози, иако постоеше мораториум извесен временски период од неколку месеци поради пандемијата, тој се продолжи.Секојдневно ми се јавуваат луже кои се заглавени буквално од тешки долгови виртуелни. Повторно се работи за напумпани долгови од 10-20 пати. Значи, се работи за лихварски нотарски налози, каде се поддржува лихварството, каде што и преку банките кои се појавуваат одеднаш, згаснати банки, на пример како Македонска или Алфа банка, кои не постојат, после 15 години се појавуваат некакви измислени долгови и побарувања со огромни суми”, вели Ана Глигорова од граѓанското здружение “Човекот над профитот”.

Денешниот протестниот марш започна пред Министерството за правда, а заврши пред комплексот судови. Организаторите велат дека нема да запрат и граѓаните повторно ќе излезат на улица за правда.

Извор: Сител