МакедонијаНовостиСиндикат

Тошковски и Бојмацалиев на одвоени средби со раководствата на полициските синдикати

   Време за читање 3 минути

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев изразил дека нема да отстапи од принципот на фер и достоинствено раководење со МВР и дека нема да бидат толерирани никакви притисоци кон вработените од ниту една политичка партија

Министерот Панче Тошковски, пак, на средба со раководствата на полициските синдикати ја изразил отвореноста за заемна соработка, но и подготвеноста за награда на оние вработени кои ќе изразат желба да помогнат во надминување на предизвиците поврзани со издавањето на личните документи

Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски и дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, денеска имале одвоени средби со претставници на полициските синдикати. До медиумите првично стигна соопштение за средбата на Бојмацалиев, а потоа за онаа на Тошковски.

Бојмацалиев, инаку доскорешен шеф на кабинет на ексминистерот Оливер Спасовски, на средбата со претставниците на Македонскиот полициски синдикат на чело со синдикалниот лидер Марјан Кицев, истакнал дека нема да отстапи од принципот на фер и достоинствено раководење со Министерството и дека нема да бидат толерирани никакви притисоци кон вработените од ниту една политичка партија.

Лидерот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, пак, како што се наведува во соопштението на МВР, изразил поддршка за, како што се вели, посветеноста и професионалноста на Бојмацалиев да бидат спречени каков било вид на притисоци врз вработените од страна на која било политичка партија.

„Од страна на дополнителниот заменик-министер Бојмацалиев беше истакнато дека тој продолжува по принципот на работа на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, дека ниту едно право на полициските службеници коешто им следува со потпишаниот Колективен договор помеѓу МВР и Македонскиот полициски синдикат нема да биде укинато“,се наведува во писменото соопштение на МВР за средбата на дополнителниот заменик-министер со синдикалните претставници.

Министерот Панче Тошковски, пак, како што соопштија од МВР, освен со претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, се состанал и со раководствата на Независниот синдикат на полицијата и Синдикатот на полиција во Македонија.

На средбите со синдикалните лидери Тошковски ја изразил отвореноста за соработка со сите синдикати и посочил дека во насока на подобрување на работата на МВР ќе биде парнер со синдикатите со цел јакнење на достоинството на полициските службеници кои треба да бидат сервис на граѓаните и гарант за безбедноста.

„Исто така, од страна на министерот беше побарано од синдикатите во рамките на своите можности да помогнат во надминување на предизвиците поврзани со кризата која се појави во делот на издавање на лични документи, а од негова страна ќе бидат преземени сите мерки и активности во рамките на законските можности со цел обезбедување награда за оние вработени кои ќе изразат желба да помогнат во надминување на предизвиците поврзани со овој процес“,се наведува во соопштението на МВР во врска со средбите на Тошковски со синдикалните лидери.

Раководствата на трите синдиката, пак, изразиле благодарност за подготвеноста за соработка и воспоставување партнерски однос со првиот човек на МВР во насока на подобрување на условите и работата на Министерството