Трудов Инспекторат: Поголемиот дел на работодавачите ги почитуваат мерките на Владата
Претседателката на Инспекцискиот совет истакна дека Државниот пазарен инспекторат покрај контролите на угостителските објекти и на трговците со одлука на Влада е задолжен да ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи. Во периодот од овие три дена направени се повеќе контроли на трговци во малопродажба и големопродажба, при што кај еден дел е констатирано зголемување на цените по што на истите им е наложено да ги вратат старите цени од 11 март.
Филиповска-Грашкоска потенцираше дека Државниот инспекторат за труд за периодот од овие три дена реализираше вкупно 422 контроли при што се донесени едно решение и 11 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата. Поголемиот дел од овие надзори биле се поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни.
Трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораките за заштита на вработените од КОВИД-19.
„Со интензивни надзори продолжува и Агенцијата за храна и ветеринарство. Во периодот од 6 до 8 април спроведе вкупно 164 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари.
При тоа издаде вкупно 6 казнени мерки поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна. Исто така издадени се и вкупно 7 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба“, рече Магдалена Филиповска-Грашкоска.