МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Угостителските и туристичките работници бараат поголема помош во ек на корона вирусот

Угостители - Работник
1.03Kviews

Синдикатот за угостителство и туризам при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС инспириран од состојбата на вработените во дејностите на угостителството и туризмот, во време на пандемијата со корона вирусот и иницијатвата на вработените во овој сектор водена од економско – социјалната состојба во која се наоѓаат, одлучи да го реактивира своето работење со цел да ги заштити правата на вработените во овие сектори, рече потпретседателот на синдикатот, Влатко Николовски.

Николовски истакна дека бараат да им се подаде рака и со сите чинители да седнат на заедничка маса, со цел да изнајдат решение за да можат и тие да преживеат во ова тешко време за целата држава.

„Иако долго време се соочуваме со голем процент на сива економија, како што им е на сите познато, во овие сектори, сепак во овој момент кој не доведе до работ на егизтенција нас и нашите семејства, не натера да побараме од Владата да преземе мерки за да се намали сивата економија која според нив изнесува околу 40 %“, рече Николовски.

Тој истакна дека и голем дел од вработените и во двете дејности се пријавени само на четири работни часови, па бараат да бидат пријавени на цело работно време. Бараат законски да им бидат платени работните викенди и празниците кои сеуште не се регулирани. Побара и бенифициран стаж за сите вработени во угостителството и туризмот.

Николовски посочи дека бараат да се почитуваат и сите одредби од Законот за работни односи кои се однесуваат на работниците, како и да се потипше грански Колективен договор со кој ќе се регулираат правата и обврските на вработените и работодавачите во угостителството и туризмот.

Додаде дека според негови сознанија има околу 20,000 пријавени работници во овие сектори, а вкупно работат околу 70,000 работници.

На прес – конференцијата имаше претставници на синдикатот од повеќе градови во државата. Некои од нив не се појавија, поради тоа како што рече Николовски, притисоци од страна на газдите. Синдикатот  моментално брои некаде околу 4,800 членови.

Бобан Илијевски