МакедонијаСветот на работникот

Филипче: Здравствени работници ни требаат сега како што требале порано, како што ќе требаат и кога овие моменти ќе бидат минато

   Време за читање 2 минути

Министерот за здравство, Венко Филипче на вчерешната прес – конференција истакна дека биле откриени 5 нови случаи на коронавирус, од кои 4 се здравствени работници од Дебар.

„Вкупната бројка на заболени во нашата земја изнесува 31 пациент. Од попладневните 5 новозаболени, освен четирите здравствени работници од Дебар, исто така позитивен е тестот и на сопругата на утрово дијагностицираниот пациент чијшто тест го потврдивме од болницата „Жан Митев“. Таа ќе биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Другите 4 заболени се здравствени работници од матична установа од приватна здравствена установа од Дебар. Дел се носители, само позитивни, веројатно дека ќе ја развијат болеста – беа скринирани како резултат на поширокиот скрининг којшто започна да се прави во овој регион“, рече Филипче.

Од денеска во дебарската болница ќе престојуваат и двајца доктори од Клиниката за пулмологија за да го надополнат капацитетот и да помогнат на останатите здравствени работници – епидемиологот и тројцата инфектолози, вклучително и инфектологот од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

„Целосно сме свесни дека здравствените работници се едни од најекспонираните и за време на работата и надвор од здравствените установи, но ние мора да правиме се за да ги заштитиме, заради тоа што во овие услови како и во сите други тоа е многу потребно. Мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем за сите. Нема да има оправдување за ниту еден кој нема да се придржува до мерките коишто се донесени како одлуки на Владата. Мора да биде нивото на свест за почитување на овие одлуки исклучително високо заради тоа што од тоа зависи јавното здравје, важно за сите нас. Исклучително важно е за здравствени работници, заради тоа што тие требаат сега, како што требале порано, како што ќе требаат и понатаму кога овие моменти ќе бидат далечно минато. Тие здравствени работници имаат семејства кои се грижат за нив. Макотрпно и пожртвувано работат, се жртвувале во текот на животот, се едуцирале за да помагаат на нашите сограѓани“, потенцираше министерот Филипче.

Министерот Филипче упати порака до колегите, здравствени работници дека трудот и напорот и улогата којашто се дава во овој момент е непроценлив, а за граѓаните уште еднаш ја повтори пораката да останат дома и најстрого да се придржуваат до мерките за заштита и превенција.

Извор: Влада