Правда

Фирма казнета со 20.000 евра за нелегално фрлање шут во Долно Лисиче

Фирмата „ХСА-Констракшн“ доби казна од 20.000 евра за незаконско одлагање градежен отпад во Долно Лисиче, информираат од Општина Аеродром. Казната следува по вонреден инспекциски надзор на локацијата позната како „Купишта“, каде што бил затекнат товарен камион како исфрла градежен шут.

Случајот беше објавен викендов, откако градоначалникот Дејан Митески сподели видео на кое се гледа како камион од компанијата истура отпад на дивата локација. Од Општината тогаш најавија дека ќе следуваат санкции за правното лице.

Според локалната самоуправа, општинскиот инспекторат издал прекршочен платен налог, бидејќи отпадот бил одложен спротивно на Законот за управување со отпад. Глобата изнесува 20.000 евра во денарска противвредност.

Од Општина Аеродром најавуваат дека инспекциските контроли ќе продолжат и во наредниот период, особено на локации каде што постои ризик од создавање нови диви депонии. Оттаму апелираат до граѓаните и компаниите отпадот да го депонираат совесно и согласно законските прописи.