Цените скокнаа заради струјата, сега има најава за поевтинување – ДАЛИ ЌЕ ПОЕВТИНИ ХРАНАТА!?

Најавата дека прехранбената индустрија ќе добива поевтина струја од декември не е причина да веруваме дека цените во маркетите ќе се намалат којзнае колку. Засега производителите на храна се уште немаат претстава по кој цена ќе добиваат струја, поради што не сакаат да даваат никакви најави дали и за колку би се намалиле цените во маркетите. Слободна проценка е дека и да има намалување, тоа би било минимално, можеби околу 10 отсто, процент што едноставно „би се удавил“ во морето поскапувања кое кај некои видови храна е поголемо и од 100 насто.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека 150 компании од прехранбената индустрија од 1 декември ќе имаат најконкурентна, фиксна цена за струјата, уште пониска од таа што ја плаќаат малите потрошувачи. Тој не кажа колкава ќе биде таа цена и рече дека ќе биде соопштена кога владата ќе ја донесе одлуката за тоа. Бектеши рече дека евтина струја ќе добиваа главно производители на млеко и млечни производи, леб и други основни прехранбени продукти.

Ова значи дека можните поевтинувања би се однесувале на домашните производи, со што увозната храна се уште би имала астрономски цени и како таква би била недостапна за поголемиот број граѓани.

Не можеме да кажеме сега дали ќе има намалување на цените на лебот и брашното, бидејќи не знаеме која би била цената на струјата за производство која би ја добивале од декември. Кога Владата ќе каже колку ќе не чини електричната енергија, дури тогаш ќе можеме да направиме калкулација колку би можела да се намали цената на крајните производи. Сепак треба да нагласиме дека во цената на чинење, освен струјата влегуваат и други елементи, меѓу кои еден од најважните е цената на житариците. Доколку дојде до нивно рапидно поскапување на светските берзи, нормално дека тоа ќе се одрази врз цената на производите. Дали ќе има  намалувањето на цените од 10, повеќе или помалку проценти, ќе си одлучат компаниите зависно од нивните  трошоци и финансиските можности и од цената на струјата која ќе ја одреди владата. Како и да е, мерките на Владата не значат и задолжително поевтинување на производите. Во вакво турбулентно време, кога цените на храната растат секојдневно, неблагодарно е да се даваат истрчани изјави за намалување на цените, велат производителите на леб и брашно.

Она што може поевтината струја да го активира е мелничката индустрија која поради високите цени на струјата мораше да го запре производството. Во моментов работат само мелниците кои произведуваат брашно за сопствени потреби. Останатите 70 отсто од мелниците во земјава се затворени поради високите сметки за струја.